Реализирана студиска посета на Република Турција од страна на правосудна делегација од Република Северна Македонија (Demo)

Во периодот од 5 до 12 март 2022 година како резултат на неодамна потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Правосудната академија на Република Турција, правосудна делегација од Северна Македонија која ја сочинуваа 20 кандидати од седмата генерација слушатели од почетната обука на Академија, а која ја предводеше  директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, од која дел беа и државниот советник на Академијата, претставници на органите на Академијата поврзани со активностите во почетната обука, како и поранешниот претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати остварија студиска посета во Република Турција.

Академијата за судии и јавни обвинители и Правосудната академија на Турција имаат повеќегодишна традиционална соработка во чии рамки се организираат заеднички едукативни настани, се разменуваат искуства и едукативни материјали, а воедно се организираат и студиски посети на кои претставниците на правосудството од двете земји имаат можност да се запознаат со примената и праксата на правото и правдата во секоја од државите.

За правосудната делегација од Северна Македонија од страна на претставниците на Правосудната академијата од Турција беше изготвена опсежна агенда која беше усогласена со интересите на претставниците од нашата држава, но и со актуелните заеднички теми на полето на правото. Слушателите на Академијата за време на посетата постојано беа придружувани од 10 кандидати од почетната обука на правосудната Академија на Р. Турција.

По пристигнувањето на нашата делегација во Анкара на 7 март 2022 година, претставниците беа пречекани од директорот на Академијата од Турција и нејзини претставници. Во оваа прилика свое обраќање имаше и директорката на Академијата, проф. Габер Дамјановска која упати голема благодарност до турската академија, а воедно изрази и надеж дека оваа прекрасна соработка ќе продолжи со подеднаков голем успех и во иднина. Веднаш потоа следеше презентација на претставниците на АСЈО на UYAP системот кој е навистина импресивен и одличен пример за функционален електронски систем од каде правосудните органи имаат целосен пристап до сите информации за странките во предметот и тоа, од нивната имотна состојба, банкарски сметки, катастарот па се до пристап до нивното осигурување и здравствената состојба. Имајќи предвид дека Република Северна Македонија во тековната година го стави акцентот на дигитализација на судството оваа посета и размената на искуства беа одлична можност за презентирање на позитивни решенија кои можат да се имплементираат во Северна Македонија. Исто така од страна на претставници на Министерството за правда на Р. Турција беше презентиран електронски систем на правосудни документи во рамките на која презентација беше изложен начинот на кој се врши доставата на поканите и сите останати документи до странките. како и бенефитите односно брзината и ефикасноста со ваквиот начин на достава. Во рамките на едукацијата исто така беше презентиран и концептот на дигиталната форензика од страна на експерт на Форензичкиот медицински институт кој даде краток осврт на алатките кои ги користат во рамките на дигиталната форензика и начинот на кој се врши обработката на податоците во истата.

Во рамките на предавањата на присутните им беа презентирани начините за справување со трговија со луѓе во контекст на ОН легислативата, основните принципи на Советот на Европа во врска со активностите против трговијата со луѓе, а исто така беа презентирани и случаи на Европскиот суд за човекови права во врска со трговијата со луѓе, додека пак од страна на главниот обвинител на Анкара беше презентирана темата трговија со луѓе и криумчарење мигранти во турското кривично право во рамките на која беа презентирани разликите помеѓу криумчарењето на мигранти и трговија со луѓе, начинот на кој најлесно може да се направи разлика помеѓу криумчарењето и трговијата, искуствата кои ги имаат во оваа област како и предизвиците со кои се соочуваат јавните обвинители при работата на предметите во врска со трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти.

На глобално ниво две теми се исклучително актуелни и во постојан фокус на јавноста како што се бегалската криза и миграцијата , во таа насока на претставниците од нашата земја им беа презентирани мислења и искуства  во врска со статусот на бегалците од перспективата на ОН, правната рамка на ЕУ за заштита на барателите на азил и бегалците, како и правната рамка за репатриција, депортација и екстрадиција во согласност со турското право и ЕКЧП. Едно од предавањата посветени на ЕКЧП беше во врска со Чл. 4 од ЕКЧП, кој се однесува на забрана на ропство и принудна работа.  Од пресудите кои беа дел од презентацијата се констатираше дека судот мора да го земе во предвид фактот дека контекстот на одредбата е договорот за ефективна заштита на поединечните човекови права и дека Конвенцијата мора да се чита како целина, и да се толкува на начин што да се поткрепи внатрешната доследност и усогласеност помеѓу најразличните одредби. Исто така, мора да се земат предвид и сите релевантни правила и начела од меѓународното право што важат за односот помеѓу договорните страни, и Конвенцијата треба колку што е можно повеќе да се толкува во согласност со другите правила на меѓународното право, од коешто и самата е дел. Целта и намерата на Конвенцијата, како инструмент за заштита на поединецот, налагаат нејзините одредби да се толкуваат и применуваат на начин што нејзините гаранции да бидат практични и ефективни (Rantsev v. Cyprus and Russia). Во истата пресуда се толкуваше и специфичниот контекст на поимот „трговија со луѓе„.Во член 4 не се споменува трговија со луѓе, туку се забранува „ропство“, „ропска зависност“ и „принудна или задолжителна работа“ (Rantsev v. Cyprus and Russia). Не постои никакво сомнение дека трговијата со луѓе е закана по човековото достоинство и темелните слободи на жртвите и не може да се смета за компатибилна со демократското општество и со вредностите утврдени со Конвенцијата (Rantsev v. Cyprus and Russia, § 282). Затоа Судот, земајќи ја во предвид својата обврска да ја толкува Конвенцијата во светло на денешните услови, смета дека е неопходно да се утврди, во специфичниот контекст на трговијата со луѓе, дали постапувањето во однос на кое жалителот поднесува жалба претставува „ропство“, „ропска зависност“ или „принудна и задолжителна работа“ (Rantsev v. Cyprus and Russia,). Судот смета дека самата трговија со луѓе, во смисла на член 3 (а) од Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе, особено со жени и деца, со која се надополнува Конвенцијата на Обединетите Нации против транснационалниот организиран криминал, и член 4(а) од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе, спаѓа во опсегот на член 4 од Конвенцијата (Rantsev v. Cyprus and Russia). Во Пресудата  (C.N. and V. v. France )Судот забележа дека ропската зависност претставува специфичен облик на принудна или задолжителна работа или со други зборови, „отежната“ принудна или задолжителна работа. Впрочем, темелната особина што ја создава разликата помеѓу ропската зависност и принудната или задолжителна работа во смисла на член 4 од Конвенцијата лежи во чувството на жртвите дека нивната ситуација е трајна и дека не е веројатно дека ќе се смени. Судот констатира дека е доволно ова чувство да се заснова на гореспоменатите објективни критериуми или да го предизвикуваат или одржуваат во живот лицата одговорни за ситуацијата. Во истата пресуда дека Судот констатира дека првиот жалител бил држен во ропска зависност, но не и вториот жалител. Во пресудите Судот постави позитивна обврска да се воведе соодветна законска и административна рамка.

Во врска со ова, Судот верува дека спектарот на гаранциите утврдени со националното законодавство мора да бидат соодветни за да се осигура практична и ефективна заштита на правата на жртвите или на потенцијалните жртви на трговијата со луѓе. Следствено, Судот сметаше дека, покрај мерките од кривичниот законик за казнување на трговците со луѓе, член 4 налага земјите членки да воведат соодветни мерки за регулирање на дејностите кои често се користат како превез за трговијата со луѓе. Член 4 од Конвенцијата подразбира процесна обврска да се спроведе истрага каде што постои основано сомневање дека дошло до повреда на правото на поединецот согласно тој член (C.N. v. the United Kingdom; Rantsev v. Cyprus and Russia,). Судот подвлекол дека барањето за спроведување истрага не зависи од жалбата на жртвата или близок роднина, туку дека надлежните органи мора да делуваат на сопствена иницијатива веднаш штом добијат сознание за проблемот. Судот понатаму потврдил дека за истрагата да биде ефективна, мора да биде независна од лицата имплицирани во настаните и дека мора да може да доведе до идентификување и казнување на одговорните лица, обврска на средствата, а не на резултатот. Освен тоа, барањето за брзо реагирање и разумна експедитивност е имплицирано во сите случаи, но кога е возможно засегнатото лице да се отстрани од штетната ситуација, тогаш истрагата мора да се спроведе итно. Конечно, жртвата или близок роднина мора да се вклучат во процедурата во толкава мера колку што е потребно за да се заштити неговиот легитимен интерес ( L.E. v. Greece).  Во конкретниот контекст на трговија со луѓе, покрај обврската да се спроведе домашна истрага за настаните што се случуваат на нивната територија, земјите-членки исто така подлежат и на обврската, во случаите на прекугранична трговија со луѓе, да соработуваат ефективно со релевантните надлежни органи од другата засегната држава заради водење истрага на настаните што се случиле надвор од нивната територија (Rantsev v. Cyprus and Russia).

По завршувањето на овие едукативни настани присутните претставници од Северна Македонија добија и сертификати за учество. Види галерија тука.

За време на посетата од особено значење беше посетата на делегацијата од Северна Македонија на министерството за правда на Република Турција, Националното собрание на Турција, Уставниот суд на Република Турција Касацискиот  суд, каде покрај со претседателот на судо остварија и работна средба со главниот јавниот обвинител на Касацискиот суд.  На средбите беше презентиран правосудниот систем од аголот на институцијата која тие ја претставуваат како и надлежностите и начините на кои овие институции функционираат во насока на обезбедување владеење на правото и еднаков пристап до правдата за сите граѓани на Република Турција. За време на посетата директорката на Академијата, проф. д-р Габер Дамјановска поранешниот претседател на Уставниот суд на РСМ одржаа работен состанок и со претставниците на Агенцијата за координација и соработка (ТИКА) на Република Турција.

На состанокот директорката се заблагодари за досегашната повеќегодишна соработка која Академијата ја има воспоставено со ТИКА. Воедно беа разгледани и можностите за реализација на идни заеднички активности во рамките на оваа соработка, како и за организација на следната студиска посета со која ќе бидат опфатени останатите слушателите од седмата генерација во почетната обука на Академијата.  Види галерија тука.

Првите луѓе на двете академии на крајот од посетата ја потврдија заложбата за заедничко делување и во иднина, преку организација и реализација на што повеќе едукативни настани, согласно потпишаниот меморандум, на кои судиите и јавните обвинители од двете земји ќе имаат можност да разменуваат искуства, да усвојуваат нови знаења кои ќе бидат во насока на унапредувањето на ефикасноста и ефективноста на правосудните системи во двете земји согласно највисоките европски и светски стандарди и принципи кои го гарантираат владеењето на правото.

Студиската посета на Република Турција заврши на 11 март 2022 година со посета на познати локалитети на Република Турција.

Реализацијата на оваа студиска посета беше организирана во рамки на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Правосудната академија на Република Турција во соработка и со финансиска поддршка на Агенцијата за координација и соработка (ТИКА), и е првата активност која е дел од меморандумот кој го потпишаа првите луѓе на двете академии на 25 декември 2022 година.

За посета беше објавен и напис во турски медиум под наслов: Делегација на Северна Македонија во посета на Кападокија/ Kuzey Makedonya Heyeti Kapadokya’yı Ziyaret Etti.  Текстот во целост на турски јазик можете да го прочитате на следниот линк:

www.fibhaber.comhttps://www.fibhaber.com/turizm/kuzey-makedonya-heyeti-kapadokya-yi-ziyaret-etti-h145536.html