Реализиран воведниот онлајн настан за ХЕЛП курсот на тема Правда приспособена на потребите на децата и правата на децата (Demo)

Денес (18 февруари 2021 година) Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со Програмата ХЕЛП на Советот на Европа успешно го реализираа воведниот онлајн курс посветен на темата: Правда приспособена на потребите на децата и права на децата кој се одвиваше преку онлајн платформата на Програмата ХЕЛП.

 

Овој настан е дел од планираните активности помеѓу Академијата и Програмата на ХЕЛП на СоЕ. Целна група беа слушателите од почетната обука на Академијата од седма генерација.

Настанот со воведно обраќање го отворија директорот на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, министерот за правда на Република Северна Македонија, г. Бојан Маричиќ и оперативната раководителка на Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, г-а Лејла Дервишагиќ.

Во своето обраќање директорот на Академијата изрази благодарност за досегашната соработка со Совет на Европа и ЕУ кои се едни од најревносните поддржувачи на работата на Академијата, но и на сите важни процеси во државата. Посебна благодарност упати и до Програмата ХЕЛП со која се реализираат бројни настани кои се од значење за правосудниот систем на Северна Македонија. За проф.д-р Габер Дамјановска, правда приспособена на правата на децата е клучна за развојот на нашето општество, бидејќи најмладите се иднината на нашата земја. Тие треба да бидат едуцирани за своите права, но од друга страна и правосудниот систем преку соодветни законски решенија треба да се усогласи со потребите на децата. На иста линија со директорот на Академијата беше и министерот за правда на Република Северна Македонија, г. Бојан Маричиќ кој изрази силна поддршка на ваквите активности со кои се зајакнува капацитетот на судиите во однос на правата на децата. Тој подвлече дека Северна Македонија ги презема сите чекори сé со цел да овозможи децата да го уживаат своето детство безбедно. Оперативната раководителка, Лелја Дервишагиќ ги поздрави сите присутни и изрази задоволство од зголемените активности на Програмата ХЕЛП во Западен балкан.

Новите предизвици со кои се соочува  Совет на Европа, а со тоа и Програмата ХЕЛП ги презентираше г-а Ева Пастрана, раководителка на одделението на ХЕЛП, Оддел за политика за човекови права и соработка, Совет на Европа, додека за активностите на ХЕЛП со кои е опфатен Западен Балкан говореше Валентина Боз, Проектна координаторка, ХЕЛП во Западен Балкан, Совет на Европа.

На темата: Најдобриот интерес на детето и судската пракса на Европскиот суд за човекови права на полето на правата на децата (избрани случаи) говореше г-а Ксенија Турковиќ, потпретседателка и судија на Европскиот суд за човекови права од Хрватска, додека за националната правна рамка на полето на правдата приспособена на потребите на децата: вовед во адаптацијата на ХЕЛП курсот и практичните аспекти на спроведувањето на курсот свои презентации имаа националните ХЕЛП тутори, г-а Марија Клетничка Марковска, судија на Кривичен суд Скопје и Катерина Коларевиќ, јавен обвинители во ОЈО Скопје.

Повеќе детали за настанот можете да прочитате на следниот линк:

https://www.coe.int/mk/web/skopje/-/towards-a-better-protection-of-children-s-rights-in-north-macedonia-help-online-course-launched-for-30-legal-professionals