Стручно советување во Академијата за судии и јавни обвинители на тема: „Прекршоци против јавниот ред и мир – сличности и разлики со КЗ“

DSC_0532

Академијата за судии и јавни обвинители согласно Каталогот за континуирана обука за 2026 година, денес (19 јануари 2026 година), во просториите на Академијата организираше советување за прекршоци против јавниот ред и мир – сличност и разлики со Кривичниот законик, на кое учествуваа судии од кривични  оддели на судовите  и јавни обвинители од обвинителствата од сите апелациони  подрачја. На советувањето учесниците имаа можност да споделат искуства и да научат многу повеќе од практичните искуства на националните експерти од оваа област: Емине Мурати, судија на Апелационен суд Гостивар и Билјана Белеска Пројковска, судија на Апелационен суд Битола

Имено, дуалниот карактер на прекршоците, кој се воведе како нов концепт во прекршочното право, со измените на Уставот на РМ од 2005 година и со донесувањето на Уставниот амандман XX со кој се дополнува член 13 од Уставот, доведе до дилеми вo практичното постапување на судовите. Ова пред се бидејќи нема јасна диференцијација помеѓу поимите прекршок и казнено дело. Ако прекршокот е казнено дело во мало, за прекршоците треба да постапува исклучиво надлежен суд, ама ако прекршокот е административен престап надлежноста за постапување треба да премине на управен орган. Од друга страна пак ако прекршокот е казнено дело од полесен вид, треба и казнените санкции да бидат предвидени како полесни, но праската покажува дека изречените глоби за прекршоци de facto се повисоки од изречените санкции за сторени кривични дела. Отсуството на прецизна дефиниција на прекршоците предизвика бројни проблеми во постапувањето по конкретни предмети посебно од процесен аспект, што резултира со ситуации на судир на надлежности и постоење на дилема околу повреда на начелото за забрана на двојно судење или двојно казнување.

Со слични проблеми се соочиле и земјите од регионот, што резултира со поднесени апликации пред Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на прекршоци против  јавниот ред и мир, а по кои веќе е изградена судска пракса.

            Целта на советувањето беше да се продлабочат знаењата и да се разјаснат дилемите поврзани со правната природа на прекршоците против јавниот ред и мир и нивната разграниченост од кривичните дела согласно Кривичниот законик, со особен акцент на практичните импликации во постапувањето на судовите и јавните обвинителства. Преку анализа на релевантната домашна и европска судска пракса, како и преку размена на искуства, се настојуваше кон воедначување на примената на правото и избегнување на повреда на начелото ne bis in idem.

Ова советување претставува дел од континуираните активности на Академијата за судии и јавни обвинители насочени кон јакнење на стручноста и ефикасноста на правосудниот систем