Академијата за судии и јавни обвинители согласно годишниот Каталог за континуирана обука за 2026 година организираше специјализирана обука за јавните обвинители на јавните обвинителства во Република Северна Македонија и членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, на тема: „Менаџирање со јавните обвинителства, со посебен акцент на менаџирање со човечки ресурси“
Обуката се одржа на 2 април 2026 година во просториите на Академијата, истата ја спроведоа: Ристо Бојаџиски, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Штип и м-р Лилјана Пецова Илиеска, експерт – консултант/обучувач.
Во рамки на обуката јавниот обвинител Ристо Бојаџиски се осврна на улогата на јавниот обвинител во организација на работата на јавното обвинителство, додека м-р Лилјана Пецова Илиеска се фокусираше на современите пристапи во управувањето со човечките ресурси и нивната стратешка важност за институцијата.

Целта на обуката беше да се унапредат знаењата и вештините на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители во областа на управувањето со јавните обвинителства, со посебен акцент на стратешкото и системското менаџирање со човечките ресурси. Преку практични алатки и интерактивен пристап, обуката имаше за цел да придонесе кон зајакнување на институционалниот капацитет, подобрување на организацијата на работата, намалување на ризиците поврзани со кадровските слабости и обезбедување континуитет, ефикасност и одржливост во функционирањето на јавното обвинителство.
Обуката се спроведе преку интерактивен пристап, базиран на реални сценарија и практични примери, со цел да се поттикне активната вклученост на учесниците и примена на стекнатите знаења во пракса. Обуката заврши со дискусија насочена кон идентификување на конкретни мерки за унапредување на институционалното работење.

