Работна средба на директорката на Академијата проф.д-р Габер Дамјановска со правниот советник на ОПДАТ при Амбасадата на САД, Jason Corley

DSC_0403

Во рамки на соработката помеѓу Академијата и Програмата ОПДАТ при Амбасадата на САД, директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска одржа работна средба со  новиот резидентен правен советник на Програмата ОПДАТ при Амбасадата на САД, Jason Corley.

Во воведот на оваа средба директорката на Академијата ја презентираше структурата, организацијата и начинот на кој работи Академијата со цел да го запознае г. Corley. Се осврна и на досегашната соработка која ја имаат Програмата ОПДАТ при Амбасадата на САД пришто истакна дека како дел од оваа соработка се реализирани низа настани кои покренале голем интерес во судската и обвинителската фела, а поради изборот на темите и учеството на странски експерти овие едукативни настани се едни од најпосетуваните.

Со оглед на тоа дека г. Corley има импресивна професионална биографија како федерален обвинител кој работел на голем број случаи од областа на тероризмот, трговија со дрога и т.н. директорката на Академијата и правниот советник на ОПДАТ во насока на одржување и продолжување на соработката ги разгледаа можносите за организиција на идни, заеднички активности кои ќе бидат од интерес за целните групи на Академијата. Појаснувајќи дека странската експертиза е исклучително важна за продлабочување на знаењата на правните практичари во нашата земја како и за унапредување на нивните вештини, директорката на Академијата предложи да се размисли и за вклучување на странски експерти кои со своето искуство ќе го подигнат нивото на квалитет на едукативните настани.

Федералниот обвинител Corley ги прифати предложените сугестии, изрази поддршка за работата на Академијата и истакна дека ќе се заложи оваа соработка да се продлабочи и да продолжи со ист интензите и успех како и во изминатиот период.