Во рамки на Каталогот за обуки за 2026 година, Академијата за судии и јавни обвинители, денес (29 јануари 2026 година), реализираше обука на тема: „Конфискација со посебен акцент на посебната постапка за конфискација поради правни и фактички пречки“.
Обуката беше наменета за судии од кривични оддели од сите апелациони подрачја, јавни обвинители и претставници од финансова полиција, со цел унапредување на нивните стручни знаења и практични капацитети во областа на конфискацијата на имот стекнат со кривично дело.
Обуката ја спроведоа: м-р Софче Гаврилова Ефремова, судија во Специјализираното судско одделение за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција при Основен кривичен суд Скопје и м-р Верица Бержецка Крстева, јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во текот на обуката беа обработени концептот и значењето на конфискацијата како правен институт, нејзините цели и функции, како и инструментите и видовите на конфискација. Посебен осврт беше направен на прашањата поврзани со одземањето на приноси и имотна корист, начинот на нивното утврдување, како и на нормативната уреденост на конфискацијата во рамки на националното законодавство и релевантните меѓународни конфенции.
Посебно внимание беше посветено на посебната постапка за конфискација во случаи кога постојат правни и фактички пречки за водење на редовна кривична постапка, при што беа анализирани нејзините специфики, како и практичните предизивици со кои се соочуваат судовите и обвинителствата при нејзината примена. Преку поврзување на теоретските поставки и практичните примери, обуката беше насочена кон унапредување на ефикасноста на примената на овој сложен правен институт во судската и обвинителската практика.

