Проект за обука на судски стручни соработници и судски извршители

Picture

Bo рамки на Програмата за правда 2021-2027, Академијата за европско право (ERA) ќе го имплементира новиот проект за обука на судски стручни соработници и судски извршители во соработка со: Европската мрежа за правосудна обука (EJTN), Институтот за правосудна обука на Белгија, Националниот институт за правосудство на Бугарија, Националната школа за службеници на Романија, Европската унија за судски офицери, и со поддршка на 13 национални институции за правосудна обука меѓу кои и Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија. Последните студии и извештаи покажуваат дека судските стручни соработници и судските извршители не добиваат доволно обуки за правото на ЕУ. ЕРА и проектниот конзорциум ќе се обидат да ги надминат овие недостатоци преку усвојување на модерен и практичен пристап кон судските обуки за ЕУ со развивање на кохерентни и иновативни пакети за идните обуки. Целта на овој заеднички проект е да се обезбеди обука на 500 судски стручни соработници и 50 судски извршители преку спроведување на 21 интерактивни и практични тренинг активности за граѓанското и кривичното право на ЕУ. Понатаму, да се обезбедат стандардизирани пакети за обука со цел да се организираат интерактивни семинари за судски стручни соработници и судски извршители, да се реализира напредна обука за избраните инструменти на ЕУ за граѓанските и кривичните предмети прилагодени на нивните секојдневни задачи, да се понудат самостојни е-алатки за изучување на правен англиски јазик од областа на граѓанското и кривичното право, како и да се подобрат неопходните основни јазични вештини во однос на правната терминологија помеѓу судските стручни соработници и судските извршители, сé со цел да се олесни прекуграничната комуникација и соработка.

Воедно, оваа соработка ги претставува и можностите за користење на услугите кои ги нуди ЕЈТН преку платформата за размена на најдобрите практики и знаења.
Во суштина, овој проект ќе се занимава со прашања од граѓанското и кривичното право на ЕУ релевантни за судската работа на судските стручни соработници и судските извршители, како и за дигитализацијата. Во насока на подобро приспособување, односно пресретнување на различните потреби, согласно целните групи и различните нивоа на усвоени знаења и искуства во примената на ЕУ инструментите, обуките ќе се организираат за основно и напредно ниво. Дел од обуките ќе нудат и правен англиски јазик паралелно со правната обука со што се ќе подобрат лингвистичките вештини на судските стручни соработници и судските извршители во правните области со додадена практична вредност. Обуките ќе се реализираат во различни формати: со физичко присуство, онлјан и хибридна форма.
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО:
Учеството е бесплатно и е врз основа на селекција. Бројот на слободни места е ограничен. Заинтересираните судски стручни соработници можат да се пријават преку нивните национални институции, додека судските извршители можат да се регистрираат преку UEH. Учесниците треба да имаат познавање на работен англиски јазик.
Доколку сакате подетално да се запознаете со можностите кои се нудат во рамките на овој заеднички проект Ве молиме да ја посетите Веб страната на ERA https://csab.legaltraining.eu/
На истата ќе ја најдете и брошура која детално Ве запознава со проектот, а воедно можете да се информирате и за активностите, т.е. понудените обуки на кои можете да се пријавите. Брошурата на англиски јазик можете да ја преземете и на следниот линк:
https://csab.legaltraining.eu/wp-content/uploads/sites/51/2023/03/Brochure_CSAB.pdf

Првото објавување на социјалните медуми беше на платформата LinkedIn, а видеото со кое се промовираше проектот можете да го погледнете на следниот линк:
https://www.linkedin.com/feed/update/urn:li:activity:7057252454689554434/