Скопје, Северна Македонија, 28–29 октомври 2025 – Во рамки на проектот „Јустиција“ на УНОДЦ, судии од апелационото подрачје Скопје во Северна Македонија учествуваа на дводневна работилница насловена „Огнено оружје и судница“.
Настанот, е организиран во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, и истиот обединува теоретски сесии со практични вежби.
Учесниците ги разгледаа меѓународните стандарди за контрола на огненото оружје, вклучително и Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, нејзиниот Протокол за огнено оружје и други релевантни инструменти.
Клучен фокус беше кривично-правниот одговор на недозволеното изработување, тргување и поседување огнено оружје согласно Кривичниот законик на Република Северна Македонија. Користејќи ја Збирката судски одлуки за кривични дела поврзани со огнено оружје на УНОДЦ (том I и том II), учесниците анализираа судска практика поврзана со поседување, изработка и криумчарење на оружје, со посебен фокус на правните квалификации, оценката на доказите и казнената политика.
Во вториот ден, УНОДЦ и сертифицирани инструктори од стрелиште водеа практични вежби за огнено оружје и муниција.
Учесниците работеа во мали групи на препознавање делови и компоненти на оружје, класификација на муницијата според тип и обележување на оружје и муниција и дискутираа за нивната правна категоризација согласно Законот за оружје. Беа разгледани и новите закани, како 3D-печатено оружје, „ghost guns“ (оружје без сериски броеви) и конверторски уреди за пиштоли.
До крајот на обуката, учесниците пријавија зголемена доверба во примената на членовите 395, 396 и 396-а од Кривичниот законик, како и подобрено разбирање на компонентите на огнено оружје, типовите на муниција и техничките карактеристики на 3D-печатено и модифицирано оружје.
Заменик Претседателот на Академијата за судии и јавни обвинители заедно со претставник на УНОДЦ на учесниците им доделија сертификати за комплетираната обука.
Оваа обука придонесува кон пошироката цел на проектот „Јустиција“ – хармонизирање на судската практика и јакнење на институционалните капацитети низ Западен Балкан.
Активноста е спроведена со финансиска поддршка од Германија, Холандија, Шведска, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд за Контролниот патоказ за МСОЧ во Западен Балкан и е поддржана од Европската унија.


