Обука на обучувачи наменета за идните предавачи на Академијата за судии и јавни обвинители

DSC_0539 1

Академијата за судии и јавни обвинители на 23 февруари 2026, во просториите на Академијата, ја организраше првата од серијата обуки на обучувачи наменета за идните предавачи на Академијата.

Обуката на обучувачи ја спроведоа: проф. д-р Ана Павловска Данева, Уставен суд на Република Северна Македонија, проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, Правен факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје  и доц. д-р Кире Бабаноски, Факултет за безбедност – Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Оваа обука имаше за цел да креира вештини и знаења и да ги зголеми капацитетите кај идните обучувачи -предавачи во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје. Предавачите во Академијата се клучен фактор во професионалното образување на идните судии и јавни обвинители. Обуката во Академијата претставува континуитет на претходно стекнатото правничко образование и директно влијае врз наградбата на знаењата и вештините на идните правораздавачи. Оттука, предавачите треба да се соодветно обучени за пренесување на своите специфични знаења и искуства врз идните вршители на судиската и јавнообвинителската функција и поврзаните професии, како и за поттикнување на критичко размислување кај слушателите на обуките.

Во првата сесија од обуката, слушателите се запознааа со основните поими: обука, обучувач, цели на обуката, квалитети на обучувач и т.н. Исто така, беа претставени подготвителните активности, пристапот и методите за подготовка на обука, нејзината содржина и агенда за истата, како и начинот на кој предавачите треба да ја спроведуваат самата обука и алатките кои треба да ги користат.

Втората сесија од обуката се фокусираше на употребата на меки (трансферзални) вештини во процесот на креирање и спроведување на обука од страна на предавачите. Слушателите се запознаа со најважните меки вештини и способности кои секој предавач треба да ги поседува со цел успешна подготовка и реализација на обуките, а тоа се комуникациските вештини, аналитичкото и критичко размислување, менаџментот на време и на стрес, емоционалната интелигенција и етичкото постапување итн., сето тоа во контекст на предизвиците со кои предавачот се соочува во целиот процес поврзан со обуката. Покрај тоа, посебно внимание беше посветено и на методите за учење и обучување на возрасни лица кои се поспецифични и поефикасни наспроти оние за образование на деца.

Третата сесија од обуката беше посветена на унапредување на педагошките и методолошките капацитети на обучувачите за ефективна и одговорна примена на дигитални алатки во обуката на судии и јавни обвинители. На сесијата беа  претставени можностите што ги нудат современите дигитални платформи за интерактивно учење, подобра ангажираност на учесниците и поефикасно пренесување на правни содржини. Целта на сесијата е да ги оспособи обучувачите да ја разберат улогата на дигиталните алатки како поддршка на квалитетна, интерактивна и ефективна обука и да применуваат соодветни дигитални алатки во различни фази на обуката (вовед, работа со случаи, дискусија, евалуација).