
Во просториите на Академијата, денес (04 март 2025 година) директорката на Академијата Ирина Трајкоска Стрезоски и амбасадорката на Кралството Холандија, Н.Е. Узлем Џанел одржа протоколарна средба.
Целта на средбата беше запознавање на амбасадорката на Холандија со работата и функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители.
Имено, станува збор за повеќегодишно успешно партнерство помеѓу Академијата и Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје во чии рамки се реализирани голем број на заеднички активности кои имаа значителен придонес врз унапредувањето на ефикасноста на правосудниот систем на Северна Македонија.
Директорката на Академијата изрази благодарност до амбасадата на Кралството Холандија бидејќи, до сега, Амбасадата се јавува како поддржувач на сите создадени соработки, со низа партнери од Холандија, како што се: Центарот за правосудна обука попознат како (SSR), понатаму, МАТРА Проектот, соработката со Хелсиншкиот комитет на Холандија и т.н.
Амбасадорката на Холандија ја потврди поддршката на Кралството Холандија во интегративниот процес на нашата земја, но притоа, посочи дека владеењето на правото како фундамент на Европската унија треба и мора да биде основата на која нашата земја ќе продоложи да ја гради својата европска иднина. Таа понуди помош и поддршка во едукативните процеси, експертска помош и отврени врати да се разговара за идни можности кои ќе бидат од заеднички интерес, но најмногу од се, кои ќе бидат во интерес и за потребите на правосудството на Република Северна Македонија.
За амбасадорката на Холандија улогата на Академијата е многу важна бидејќи без едукација не може да се очекува професионални, независни и непристрани судии и јавни обвинители. Таа истакна дека е запознаена со фактот дека во судовите и јавните обвинителства недостигаат судии и јавни обвинители, но сепак, Академијата треба да остане единствена влезна точка во овие професии, како што тоа го препознава и истакнува и Европската унија.
Директорката на Академијата истакна дека како претставник на првата генерација која произлегла од Академијата, многу подлабоко ги разбира потребите на Академијата, а како обвинител, и на судиите и јавните обвинители. Таа ја информираше амбасадорката дека од нејзиното доаѓање, пред само 6 месеци, направени се низа измени, воведени се новини во подобрувањето на методите и техниките за поуспешно спроведување на обуките во Академијата, а воедно, се работи и на предлози за изменување на Статутот и постојниот Закон за Академијата, со кои се предвидени измени во делот на примениот испит.
Запрашана за приемот на деветата генерација во почетната обука на Академијата, директорката на Академијата, ја извести амбасадорката, дека сеуште се чека на добивање согласност од министерството за финансии, по што, конечната одлука ќе ја донесе Управниот одбор на Академијата.