Модел за успех: размена на колеги за обука во правосудниот сектор 03-04-2023

logo_asjo_news_mk

Првиот принцип на реформата на безбедносниот сектор е дека мора да се предводи национално и да биде во локална сопственост. Секоја земја се соочува со уникатни предизвици и следи сопствен пат кон добро владеење. Но, по повеќе од 20 години искуство во поддршка на реформските процеси во повеќе од 80 земји, знаеме дека има многу да се научи од туѓите искуства. Олеснувањето на прекуграничната соработка и размена на знаење може да им помогне на нашите партнери да постигнат успех.

Како дел од нашата поголема програма за реформа/управување со безбедносниот сектор во Северна Македонија, ја поддржуваме Академијата за судии и јавни обвинители со совети и забелешки за да помогнеме во подобрување на обуката и усогласување на локалните судски практики со стандардите на Европската Унија. Затоа неодамна доведовме судии и обвинители од Академијата да се сретнат со нивните колеги во Шпанија и да учат од нивното искуство во дизајнирање и спроведување на програми за обука на судии.

ЧЕКОР 1: РАЗБИРАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ

Академијата е основана пред 15 години, и претставува значаен чекор кон вградување на принципите на владеење на правото и заштита на човековите права во правосудниот систем на Северна Македонија. Денес таа игра клучна улога во зајакнувањето на независноста и стручноста на правосудните институции со тоа што активните судии и обвинители го споделуваат своето практично знаење и искуството на работното место. Иако веќе се правни експерти, тие исто така треба да бидат ефективни обучувачи за да одржат висок квалитет на образовните активности, за почетните студенти како и за назначените судии и обвинители. Колку е подобра обуката на Академијата, толку повеќе судиите и обвинителите ќе бидат мотивирани да продолжат да ги надградуваат своите познавања и стручност во текот на нивните кариери во судовите.

„Со зголемување на судската стручност ќе се подигне и нивото на довербата на јавноста во судството во нашата земја, а ќе придонесе и за зголемување на интегритетот на правните практичари.“

Ермон Незири, јавен обвинител, член на управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители

ЧЕКОР 2: ПОДДРШКА НА ПРОМЕНАТА

 Ефективното судство е најсилната заштита против злоупотреба, погрешна употреба и прекумерна употреба на интрузивните методи од страна на органите за спроведување на законот и агенциите за разузнавање. Од 2017 година, DCAF ја поддржува Академијата во развојот на разбирање за европските стандарди и добри практики, со фокус на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права. Создавањето на Прирачникот за следење на комуникациите беше директен резултат на овој процес на учење. Тој се смета за задолжителна референца за македонските судии и јавни обвинители во врска со инвазивните методи за собирање информации.

За да ги подобри своите капацитети за обука и стручноста за образовно планирање, Академијата иницираше размена со други судски академии во земјите на ЕУ. За Шпанија се утврди дека има исклучителен модел за дизајнирање и спроведување на судска обука.

„Внатрешната организација на институциите за правосудна обука во Шпанија е на многу повисоко ниво, вработените и сите страни вклучени во целиот процес на унапредување на судската стручност и знаење ги извршуваат своите професионални обврски со максимална одговорност и посветеност. Некои од алатките што ги користат може да се применат за подобрување на работата и на нашата институција“.

Соња Мојсовска, Советник за спроведување и развој на системот за квалитет при Академијата за судии и јавни обвинители

peer_exchange_central.jpg

Претставници од Академијата за судии и јавни обвинители од Северна Македонија се сретнаа со своите колеги од Шпанија за да научат нови техники за планирање на образованието и учење за возрасни. Фото: DCAF.

Неодамна, судии и обвинители од Северна Македонија ги посетија шпанските Центри за обука на судии во Барселона и Мадрид, како и Генералниот судски совет во Мадрид. Таму тие споделија теоретски пристапи, практични искуства и лични перспективи со колегите од Шпанија.

Учесниците го искористија уникатниот пристап до шпанските правосудни институции и дознаа за нивото на поддршка што ја добиваат од државата за успешно спроведување на програмите за обука – во смисла на почетната обука како и на континуираниот развој за судиите и обвинителите да се одржуваат во тек со нивните вештини и знаење.

Размената на колеги им помогна на учесниците во Северна Македонија да ја разберат вредноста на тековната обука; нивните колеги од Шпанија покажаа како специјализираното образование на судиите и јавните обвинители придонело за нивниот напредок во кариерата.

„Информациите, искуството и добрите практики што ги научивме беа многу вредни и корисни за нашата Академија да може да ја спореди и подобри својата практика. Исто така, среќни сме што дознавме дека има многу сличности во системското позиционирање како и во работните процеси во нашите институции, што ќе ни помогне да создадеме знаење кај идните кандидати за судии.“ Проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, Директор, Академија за судии и јавни обвинители на Северна Македонија

ЧЕКОР 3: ЗАЗЕМАЊЕ НОВ ПРИСТАП

По посетата на колегите од Шпанија, Академијата на Северна Македонија создаде листа на најдобри практики и препораки за подобрување на курсевите за обука. Тоа вклучуваше проширување на обуката за да го вклучи развојот на социјални и неправнички вештини за судиите, усвојување на некои нови техники за обука и нови методи за спроведување на имитации на судења, кои се клучна алатка во судските обуки.

Академијата исто така утврди потреба од средби со колегите во соседните земји во Западниот Балкан и во Европската Унија за поблиску да се разгледа меѓусебната помош и употребата на специјални истражни мерки во случаите поврзани со сериозен криминал и тероризам. DCAF ќе обезбеди поддршка на Академијата за да им помогне она што го учат да го применат во создавањето на нови планови, програми и наставни програми за обука.

Сања Пандилов, државен советник во Академијата за судии и јавни обвинители веќе го спроведе на дело она што го научи за време на патувањето во Шпанија. „Веќе работиме на измени на законските прописи со цел Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да бидат редовно информирани и запознаени со учеството на судиите и јавните обвинители на обуките што ги организира Академијата“, рече Пандилов.

Генерално, овие размени на колеги се најефикасниот начин да се придонесе за усогласување на македонската судска пракса со европските стандарди и да се отвори патот за следната генерација правни практичари.

„Новите генерации студенти – идни судии и јавни обвинители се оние кои можат да внесат свежина и нова енергија и да придонесат за реформирање и подобрување на состојбите во правосудниот сектор во нашата земја. Затоа мораме да им ги понудиме најдобрите можности и современи методи и техники за стекнување знаење и градење на нивниот интегритет“.

Габриела Гајдова, судија, едукатор и ментор на Академијата за судии и јавни обвинители