„Мерки за обезбедување на присуство на лица и непречено водење на кривична постапка, причини и случаи на нивна примена (во истражна постапка) -Незаконит преглед и претрес- “

DSC_0335

Во рамки на Каталогот за обука за 2025 година, Академијата за судии и јавни обвинители организираше и спроведе обука на тема: Мерки за обезбедување на присуство на лица и непречено водење на кривична постапка, причини и случаи на нивна примена (во истражна постапка) Незаконит преглед и претрес“, која се одржа на 18 ноември 2025 година, во просториите на Академијата.

Обуката беше наменета за судии од кривичните оддели, јавни обвнители и  стручни соработници од судовите/јавните обвинителствата  од сите апелациони подрачја.

Целта на обуката беше да се презентираат сите предвидени мерки за обезбедување на лица за потребите на кривичната постапка, согласно Законот за кривична постапка. На обуката исто така беа образложени и законските услови кои треба да бидат исполнети за определување или примена на овие мерки, односно кога спрема обвинетиот можат да се определат или преземат определени мерки за обезбедување на неговото присуство се со цел непречено водење на кривичната постапка.

Имено, во Законот за кривична постапка како  мерки за обезбедување на лица предвидени се: покана, краткотраен притвор, куќен притвор и притвор. За да се определи и примени некоја мерка потребно е претходно да се исполнети законските услови и да се утврдат конкретни околности и причини кои го оправдуваат определувањето односно примената на некоја од мерките за обезбедување на лица. При одлучувањето која од наведените мерки ќе ја примени, надлежниот орган е должен да се придржува кон условите определени за примена на одделни мерки, водејќи сметка да не се применува потешка мерка, доколку истата цел може да се постигне со поблага мерка за обезбедување. Со определувањето на некоја од мерките се ограничува правото на слобода кое е загарантирано со нашиот Устав, законите, Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, која е составен дел од нашиот правен поредок како и со други меѓународни договори.