
На 215-та седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, која се одржа на 12 јули 2024 година, директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска поднесе неотповиклива оставка и истата беше едногласно прифатена од страна на сите присутни членови на Управниот одбор. Согласно член 18 став 5 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители (Службен весник бр. 129/2023 и 53/2024) до именувањето на нов директор, но не подолго од три месеци, должноста ја врши заменикот на директорот, почнувајќи од 13 јули 2024 година.
Новонастанатата ситуација беше повод за денешниот состанок кој го свика заменикот на директор на АСЈО, судија м-р Илир Исени, со цел координација и непречено одвивање на тековните активности и работни процеси на институцијата.
Заменикот на директор, судија м-р Илир Исени на состанокот ги извести вработените дека во рамките на своите законски надлежности ќе продолжи да ги извршува работните обврски кои произлегуваат од неговата позиција, а воедно, активно ќе учествува и ќе ја следи понатамошната реализација на активностите на АСЈО.
Воедно ги охрабри вработените да продолжат со извршување на нивните работни обврски согласно Законот и подзаконските акти на Академијата, се со цел да не се појави застој во секојдневното функционирање на АСЈО и веќе започнатите процеси да се одвиваат успешно како и до сега.