Академијата за судии и јавни обвинители во рамки на предвидените активности согласно Каталогот за обуки за 2025 година, на 26 ноември 2025 година, во просториите на Академијата организираше обука посветена на извршувањето на пресуди донесени од страна ЕСЧП во граѓански и кривични постапки.
Обуката беше наменета за судии и стручни соработници од сите судови во Репбулика Северна Македонија, а истата беше спроведена од страна на: м-р Александар Шопов, судија на Апелационен суд Скопје, Ленка Дивиткова, судија на Основен кривичен суд Скопје и д-р Костадин Богданов, адвокат

Имено, системот на Европската конвенција за човекови права е од огромно значење за заштитата на човековите права во Европа. За да се обезбеди дека овој систем може да го прави она што го предвидува, односно да гарантира заштита на човековите права во пракса, Европската конвенција и пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) треба да го најдат својот пат во домашните правни поредоци на земјите-членки. Во моментов, несоодветното извршување на пресудите на Судот ја доведува во прашање ефикасната заштита што може да ја понуди системот на Конвенцијата. Несоодветното, одложено и делумно извршување на пресудите на Судот влијае на степенот до кој Судот може да ја активира и подобри заштитата на човековите права во пракса. Овие проблеми постојат низ цела Европа: во 2024 година, над 5.000 судски случаи сè уште чекаа на извршување. Многу од случаите што сè уште не се спроведени се таканаречени повторувачки случаи, што покажува дека постојат нерешени прашања во земјите-членки, што може да резултира со нови случаи пред Судот, влијаејќи на обемот на работа на истиот.
Целта на обуката всушност претставуваше вовед во темата на извршување на пресудите на Европскиот суд, при што се даде еден општ приказ на системот на извршување: се објаснуваше улогата на Комитетот на министри при Советот на Европа, поимно се обработуваа и разграничуваа т.н. општи мерки (кои најчесто подразбираат законски измени) и поединечните мерки (кои се однесуваат конкретно на апликантите во чија корист била донесена пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права), а се направи и осврт на националниот контекст односно системот на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Северна Македонија

