Во просториите на Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи во период од 9 до 12 февруари со поддршка на Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија беше спроведена обука за борба против подведување и трговија со луѓе.
Официјалниот почеток на оваа обука беше одбележан со поздравни обраќања од страна на: амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Де Риголер, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски и заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени.
Целта на обуката беше да се обезбедат практични знаења и алатки за препознавање на индикаторите за подведување и трговија со луѓе, правилно постапување во случаи на сомнеж и навремена заштита и поддршка на жртвите, како и унапредување на соработката меѓу полицијата, судовите и обвинителствата.

Токму во таа насока, во своето обраќање директорката на Академијата истакна: „Трговијата со луѓе е постојан и актуелен приоритет на сите Влади во светот. Меѓуинституционалната и меѓународната соработка имаат клучна улога. Во таа насока, задоволство ми e што при организацијата на денешната обука е запазен концептот на мултидисциплинарност на учесниците. Заедничкото делување на клучните институции, како на национално ниво, така и на меѓународно, е посебно важно, бидејќи, за овој вид криминал, не постојат граници. Потребна е ефикасна комуникација и вмрежување на сите оние кои делуваат во оваа област со цел да се изведе заедничка акција која ќе значи превенирање на трговијата со луѓе и заштита на жртвите на трговија со луѓе. И покрај тоа што поголем дел од судиите и јавните обвинители како и останатите претставници на институциите кои постапуваат по предмети од областа на трговијата со луѓе и илегалната миграција, ја познаваат доволно добро националната законодавна рамка, но и меѓународните стандарди и препораки, сепак, од сите истраживања и анализи видлива е потребата од едукативни настани поврзани со оваа тема. Поточно, потребно е подигнување на свеста и јакнење на перцепцијата на надлежните институции за појавата на трговијата со луѓе. Особено, ако се земе предвид дека трендот на консултирање на судската пракса на ЕСЧП при примена на членовите од ЕКЧП е клучен, слободно може да се се заклучи дека реализцијата на ваков вид на настани како што е денес е потреба. „


