Директорката на Академијата на работна средба со амбасадорите на Република Франција и Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија

DSC_0530

На (18 февруари 2026 година), во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, директорката на Академијата, Ирина Трајкоска Стрезоски одржа средба со амбасадорите на Република Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер и Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, која беше во придружба на претставникот од Амбасадата на СР Германија, Кевин Мас.

Во рамките на ЕУ, Република Франција и СР Германија имаат одлична соработка, а нивниот заеднички интерес, меѓу другото, е функционирањето и вклученоста на сите институции во правосудниот систем на Репuбулика Северна Македонија како целина.

Во фокусот на амбасадорите од двете држави се сите актуелни теми кои имаат значително влијание врз процесот на интеграцијата на Северна Македонија во европското семејство. Реформскиот процес во правосудството е еден од клучните процеси, а Академијата има централна улога во правосудниот систем на Северна Македонија, па оттука, тие покажа посебен интерес за тековните процеси кои се одвиваат во Академијата.

Амбасадорите истакнаа дека ја следат состојбата во овој сектор и дека се запознаени со предизвиците со кои се соочуваат правосудните институции државата.

Директорката на Академијата се заблагодари за нивната посветеност и поддршка, притоа, потенцирајќи дека во моментов, тоа што е клучно за судовите и јавните обвинителства, како и за Академијата е обезбедување на финансиски средства, човечки ресурси и соодветени простории. Според нека, доколку сакаме функционални институции, треба да ги имаме основните средства за работа. Се повеќе вработени ги напуштаат административните позиции во судовите и јавните обвинителства и ова претставува сериозна состојба за која мора да се најде решение. Во поглед на Академијата, директорката ги информираше амбасадорите дека во овој момент се работи на   изготвување на Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, со кој се очекува да се надминат воочените недостатоци во спроведувањето на приемниот испит за почетната обука. Имено, таа кажа дека овој закон се наоѓа во завршна фаза и дека таа како претседател на работната група се труди овој закон да се изготви што е можно поскоро.

На прашењето на амбасадорите за надминувањето на недостигот со судии и јавни обвинители кој е директно поврзан со дејноста на Академијата, директорката на Академијата го посочи токму новиот Закон како позитивно решение. Таа ги извести амбасадорите дека со овој закон Академијата ќе спроведува почетна обука секоја година.

Нејзините очекувања се дека до крајот на месец март 2026 година овој Закон ќе биде усвоен, а веќе следниот месец ќе биде распишан огласот за прием на нова генерација слушатели во почетната обука. „Првиот чекор е усвојувањето на овој Закон, понатаму, административниот дел верувам дека ќе биде успешно направен“- додаде директорката. За Академијата, во поглед на почетната обука голем предизвик претставуваат просторните капацитети на институцијата, кои во овој момент не се соодветни за оваа намена, но како сериозна и професионална институција Академијата ќе се обиде да го најде најдоброто можно решение.

Директорката на Академијата ги извести амбасадорите дека силно верува во поддршката на Владата, Министерството за финансии и Министерството за правда во успешно завршување на овој процес.

Амбасадорите на Франција и Германија исто така беа заинтересирани и за квалитетот на правните факултети во земјата, односно, за квалитетот на нивната настава. Амбасадорите укажаа дека обуката на судии и јавни обвинители има големо значење и влијание во целото општество.  Директорката, Трајкоска Стрезоски истакна дека правните факултети во земјата обезбедуваат солидна правна основа врз која се градат идните судиите и јавни обвинители.

На крајот од средбата амбасадорите ја дадоа својата поддршка на директорката на Академијата и на самата институција. Според нив „Очекувањата се многу големи во овој момент, како од директорката, така и од самата институција“.