СКОПЈЕ, 5 НОЕМВРИ – Промовирањето на еднаквоста и недискриминацијата на работното место е од суштинско значење за градење на фер и разновидно општество. За да се постигне ова, потребен е силен и непристрасен судски систем кој може ефикасно да идентификува и да се справи со случаите на дискриминација на работното место.
Академијата за судии и јавни обвинители, преку поддршка на Европската Унија и Советот на Европа, организираше обука за судската заштита и правната рамка против дискриминација. 28 судии од Северна Македонија дознаа повеќе за постојната законска рамка за антидискриминација и релевантната судска пракса од домашните судови и Европскиот суд за човекови права. Тие дискутираа за различни механизми за заштита од дискриминација, вклучително и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
За време на сесиите, учесниците се осврнаа на различните видови дискриминација, вклучувајќи директна и индиректна дискриминација, вознемирување, виктимизација, сегрегација. Тие дискутираа за случаи во кои е утврдена и анализирана дискриминација и ги дискутираа овие случаи, главно фокусирајќи се на дискриминацијата на работното место.

Понатаму, претставници од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја презентираа работата на Комисијата, механизмите и алатките за заштита од дискриминација и вознемирување, кои им се законски доделени. Тие истражија некои од најзначајните случаи во кои е утврдена дискриминација и го споделија своето искуство како „пријател на судот“ во судски случаи што се однесуваат на дискриминација.
Оваа активност ја организираше Академијата за судии и јавни обвинители преку поддршка на програмата на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и проектот „Борба против омразата и нетолеранцијата во Северна Македонија“.

