Академијата спроведе обука за управување со предмети (движење на предмети и време) за судските и јавнообвинителските службеници

20251106_102809(0)

Ефикасното управување со предмети претставува клучен елемент за навремено, законито и квалитетно постапување на судот и јавното обвинителство. Со зголемен број на предмети, комплексни истраги и притисок за транспарентност, потребна е унифицирана и стандардизирана практика за следење на движењето на предметите и управување со времето во сите фази на обвинителската постапка.

Во таа насока, Академијата за судии и јавни обвинители спроведе обука за управување со предмети (движење на предмети и време), која се одржа денес (06 ноември 2025 година) во просториите на Академијата.

Обуката беше организирана и наменета за судските и јавнообвинителските службеници од сите судови и јавни обвинителства во Република Северна Македонија, а истата ја реализира м-р Борче Мирчески, судски администратор во Основен суд Охрид и м-р Маја Петрова, јавнообвинителски советник-портпарол во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Целта на обуката е да ги зајакне знаењата и практичните вештини на  судската и јавнообвинителската служба при организирање, приоритизирање и следење на предметите и преку воведување систематски пристап кон управувањето со предметите и времето на постапување да се подобри ефикасноста и транспарентноста во работењето.

Преку обуката учесниците ќе го унапредат разбирањето на животниот циклус на предметот – од прием до архивирање, ќе ги подобрат вештините за користење на системи за евиденција и следење, ќе ги идентификуваат „критичните точки“ што предизвикуваат застој во постапките, ќе се стекнат со знаење за развивање на стандарди и индикатори за времетраење на одделни фази на предметот и ќе се поттикне култура на отчетност и управување со резултати, а не само со процеси.

Преку оваа обука учесниците посебно ќе се стекнат со знаење за целта на Законот за управување со движење на предметите, Автоматизираното управување со судските предмети, постапките за следење на состојбата со управување со движењето на предметите во судот , обезбедување на правото на непристрасно избран судија со Работното тело за управување со движењето на предметите и неговата надлежност како и со роковите за преземање на дејствија.