Академијата со стручно усовршување за принципот non bis in idem и судската пракса на Европскиот суд за човекови права

DSC_0526

Академијата за судии и јавни обвинители на 17 февруари 2026 година, во своите простории организираш обука на тема: „Примена на ЕКЧП во поглед на постапување во прекршочна и кривична постапка за ист противправен настан (разлики и специфичности)“.

Обуката беше наменета за судии од кривичните оддели од сите апелациони подрачја, со цел унапредување на нивните знаења и практични вештини во примена на Европската конвенција за човекови права(ЕКЧП) во националното законодавство и судската практика.

Предавачи на обуката беа националните експерти: м-р Ненад Савески, судија на Основен кривичен суд Скопје и м-р Ружица Николовска, адвокат, кои преку интерактивен пристап и анализа на конкретни случаи ја доближија темата до учесниците.

Целта на обуката беше да обезбеди продлабочена и систематска анализа на принципот  non bis in idem, со посебен осврт на неговата практична примена во односот помеѓу прекршочната и кривичната постапка. Во тој контекст, беа разгледани релевантни аспекти од домашната судска пракса, како и праксата на ЕСЧП, при што посебно внимание беше посветено на критериумите за утврдување на идентитетот на делото, природата и тежината на санкцијата, како и на обезбедувањето на процесните гаранции. Преку компаративна анализа на конкретни случаи и интерактивна дискусија учесниците имаа можност не само да ги продлабочат своите познавање за границите на дозволената двојна постапка, туку и да разменат ставови и искуства во однос на практичните дилеми кои се јавуваат при паралелно или последователно водење на прекршочната и кривичната постапка за ист противправен настан.

Познавањето и правилната примена на принципот non bis in idem е од суштинско значење за заштита на правната сигурност и за гарантирање на правото на правично судење, како и за спречување на двојно гонење и казнување за исто дело. Доследната примена на овој принцип придонесува за усогласување на домашната судската практика со европските стандарди и зајакнување на владеењето на правото. Академијата ќе продолжи со континуирани активности насочени кон унапредување на стручните капацитети на судиите за сите важни и актуелни теми идентификувани како потреби во правосудство, со единствена цел, исполнување на европските критериуми и градење на ефикасен систем за ефективно спроведување на кривичната правда.