Академијата за судии и јавни обвинители, согласно потребите за едукација на судската полиција, како дел од предвидените активности опфатени со Каталогот за обуки за 2025 година, денес (17 ноември 2025 година), во просториите на Академијата организираше советување на тема: „Постапување на судската полиција по Закон, уредби и правилници“.
Советувањето беше наменето за судските полицајци од сите судови на Република Северна Македонија, а истото беше спроведено од страна на: судија Ацо Тасев, претседател на Основен суд Штип и судскиот администратор на Основен суд Прилеп, Сашо Темелкоски.

Советувањето го опфати постапувањето на судската полиција при извршувањето на својата основна надлежност – обезбедување на објектите, имотот, лицата и одржувањето на редот во судовите. Акцент беше ставен на законската и подзаконска регулатива врз основа на која работи судската полиција – Закон за судови, Закон за судска служба, Судски деловник, Уредбата за внатрешни односи на судската полиција, Уредбата за ознаките за звањата и униформата на припадниците на судската полиција, Уредба за вооружувањето и опремата на припадниците на судската полиција, Уредба за материјалното работење со предметите на вооружувањето и посебната лична опрема на припадниците на судската полиција. Уредба за употреба на оружје, гумена палка и други средства на присилба од страна на припадниците на судската полиција, Уредба за времетраење на облеката, чевлите и посебно личната опрема на припадниците на судската полиција, Уредба за психофизичките способности што треба да ги поседуваат лицата кои се примаат на работа во судската полиција.
Целта на советувањето беше низ активно учество на учесниците да бидат идентификувани проблемите со кои се соочуваат во своето функционирање, а воедно и да се понудат позитивни решенија за нивно надминување преку конкретни предлози за идни измени на законска и подзаконска регулатива за работа на судската полиција.

