Академијата организираше обука за судската полиција со фокус на безбедносни предизвици

DSC_0673

Академијата за судии и јавни обвинители, на 26 март 2026 година организираше обука наменета за судската полиција на тема: „Примена на прописите за постапување на судската полиција со посебен акцент на нивно постапување“, а истата ја спроведе судија Јасмина Шишковска, претседател на Основен суд Прилеп.

Во рамки на обуката беше разработено постапувањето на судската полиција согласно Законот за судовите, Законот за судската служба и релевантните подзаконски акти, со посебен осврт на практичната примена на овие прописи.

Посебен сегмент беше посветен на насловната тема, при што учесниците имаа можност да се запознаат со значењето и улогата на судската полиција како клучен фактор за одржување на редот и безбедноста на судовите. Воедно, беа опфатени и прашања поврзани со надлежностите и одговорностите, како и преминот од теоретски аспекти кон реални безбедносни предизвици.

Преку анализа на конкретни случаи, сценарија за постапување и практични вежби проследени со дискусија, учесниците ги унапредија своите знаења и вештини за справување со потенцијално ризични ситуации.

Со оваа обука се нагласи значењето на судската полиција како клучен фактор за безбедноста и редот во судските институции, бидејќи само безбедни судови значат силна и функционална правна држава.