Во рамки на своите предвидени активности кои се дел од континуираната професионална обука за усовршување на судиите, Академијата за судии и јавни обвинители, денес (21 октомври 2025 година), организираше обука на тема „Постапување во предмети во кои една од странките е странско физичко и правно лице (начин на достава на поднесоци и докази, обезбедување на актуарска кауција)“. Обуката беше наменета за судиите од граѓанските судови кои се соочуваат со меѓународни елементи во судските постапки. Во фокусот на обуката беа практичните аспекти од македонското меѓународно приватно право, во согласност со Законот за меѓународно приватно право (ЗМПП) и релевантните меѓународни договори (мултилатерални и билатерални). Преку предавање, работилница и анализа на студии на случај присутните се запозна со предизвиците при работењето со странски субјекти, како и со модалитетите за меѓународна правна помош во граѓанските и трговските случаи.
Обуката ја спроведоа: проф. д-р Илија Руменов, Правен факултет „Јустинијан Први“ и Весна Трајанова, судија на Основниот граѓански суд Скопје.

Целта на обуката беше да постигнат следните клучни цели:
- Подобрување на знаењето за постапување со странски лица: Да се овозможи развој на вештини за идентификација и решавање на специфики во судски предмети каде учествуваат странски физички или правни лица, со фокус на почитување на меѓународното приватно право.
- Совладување со начини на достава на замолници: Учесниците да се запознаат со процедурите за меѓународна достава (преку централни органи, дипломатски канали или директно), вклучително и роковите, формите и последиците од неуспешна достава, според Хашките конвенции, билатералните договори и националните прописи.
- Разбирање на обезбедувањето на актуарска кауција: Да се објасни правната основа, условите и постапката за обезбедување актерска кауција.
- Промовирање на ефикасни и униформни судски практики: Да се придонесе за намалување на грешките во постапките, зголемување на ефикасноста на судот и заштита на правата на сите странки, во согласност со начелата и принципите на меѓународното приватно право.
- Усогласеност со меѓународни и европски стандарди: Да се подигне свеста за имплементација на меѓународните договори и запознавање со стандардите на ЕУ регулативите(ЕУ Регулативата за изведување на докази и ЕУ Регулативата за доставување), со цел подобрување на меѓународната соработка и пристапот до правда за странски субјекти пред македонските судови.

