
Со свечен прием во чест на осмата генерација која ја заврши почетната обука на Академијата на 05 февруари 2025 година, во Филхармонија на РСМ беше одбележен датумот на доделувањето на уверенијата за 97 идни судии и јавни обвинители.
На свечениот настан присуствуваа највисоките претставници од правосудството како и претставници на диполматискиот кор од нашата држава.
Од говорницата на камерната сала, пред повеќе од 300 гости, силни пораки за поддршка на идните судии и јавни обвинители, покрај директорката на Академијата, јавен обвинител Ирина Трајкоска Стрезоски, упатија и: министерот за правда на РСМ, Игор Филков, претседателот на Судскиот совет на РСМ, Александар Камбовски и претседателката на Советот на јавните обвинители Душица Димитриеска.
Настанот го модерираше водителот Огнен Јаневски, додека за атмосферата се погрижија виолинистките од Филхамронија, кои со својот внимателно одбран музички репертоар дадоа посебен печат на овој настан.
Во својот поздравен говор, директорката на Академијата, Ирина Трајкоска Стрезоски, ја поздрави истрајност и посветеност на кандидатите кои успешно ја завршија програмата за почетна обука. „Во периодот кој следува Вие ќе треба да вградите дел од себе во остварувањeто на вашите цели, за што вложивте голем труд во изминативе години„. Говорејќи за предизвиците со кои ќе се соочат во извршувањето на двете, можеби, најпрестрижни функции, судија и јавен обвинител, таа им порача: „…. успехот повеќе се цени затоа што вие постигнавте се сами, со својата работа, а една од најважните лекции што верувам дека ги научивте во академијата е секогаш да останете доследни на себе си и да не им дозволите на другите да ви кажуваат што можете, а што не можете. Од Академијата излегувате не само побогати со знаење и нови искуства, туку и со нови пријателства кои верувајте ќе ве следат не само во текот на вашите кариери, туку и за целиот живот. Не постои мерка за успехот. Успешни сте толку колку што ќе успеете да направите промени во туѓите животи. Судиската и јавнообвинителската функција несомнено влијаат врз нив.“ На крајот директорката на Академијата, како претставник на првата генерација изрази доверба во Академијата, посочувајќи дека судиите и јавните обвинители произлезени од Академијата, веќе заземаат високи позиции во правосудниот систем, позитивен пример покрај таа самата, е и претседателот на Судскиот совет, дел од нив се и шефови на јавни обвинителства, претседатели на судови, судии на апелациони судови, јавни обвинители во вишите јавни обвинитества и т.н.
Кандидатите на осмата генерација од почетната обука на Академијата добија честитки и желби за успех и од министерот за правда на РСМ, Игор Филков, кој во своето поздравно обраќање истакна дека нивниот интегритет и стручност како клучен фактор, а понатаму и нивната професионалност во постапувањето со предметите се суштинските елементи во креирање на систем кој ги штити правата и интересите на граѓаните. „Токму вие како долгоочекувана нова енергија во правосудството, можете и потребно е да направите многу, да докажете дека сте вистинскиот избор на државата, која во вас вложила ресурси и време. Пред вас претстојат многу предизвици. Ќе се соочите со реалноста и со голем број предмети по кои ќе мора да постапувате или одлучувате во многу кратки рокови. Токму затоа вашиот процес на едукација не престанува тука со моментот на завршување на почетната обука – им порача министерот Филков.“
Поддршка за идните судии од говорницата даде и претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој истакна дека како претставник на втората генерација од Академијата, силно верува дека новите кадри ќе бидат на нивото на задачата. Во своето обраќање претседателот Камбовски даде целосна поддршка на работата на Академијата.
Позитивни пораки и честитки до идните јавни обвинители упати и претседателката на Советот на јавните обвинители Душица Димитриеска, која во своето обраќање изрази уверување дека станува збор за вистински професионалци кои се подготвени да се носат со предзивиците кои ги носи јавнообвинителската функција, имајќи предвид дека истите ја поминале обуката на Академијата. За крај, таа подвлече дека сега е редот на Советот на јавните обвинители што поскоро да објават оглас за избор на јавни обвинители во основните јавни обвинителства.