Во рамки на соработката помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, на 30 јанyари 2026 година, во просториите на Академијата се одржа работилница на тема: „Пишување на обвиненија“. Настанот беше организиран од Академијата, со поддршка на Амбасадата на САД во рамки на програмите за јакнење на капацитетите на јавнообвинителскиот систем.
Настанот со воедни обраќања го отворија: Ерон Лукоф, в.д. регионален правен советник, ОПДАТ, Амбасада на САД, Анита Тополова Исајловска, в.д. Јавен бвинител на Република Северна Макеоднија, Елвин Вели, претседател на Здружение на јавни обвинители и Ирина Трајкоска Стрезоски, директор на Академијата за судии и јавни обвинители. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста од унапредувањето на квалитетот, јасноста и правната прецизност на обвинителните акти како предуслов за ефикасна кривична постапка и зајакнување на владеењето на правото.
На работилницата учествуваа јавни обвинители од основните јавни обвинителства од апелационото подрачје Скопје, а истата ја спроведоа јавните обвинители од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија: Лиле Стефанова и Елвин Вели, воедно и претседател на Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија.
Во рамки на работилницата, јавниот обвинител Елвин Вели го претстави новиот пристап во пишувањето на обвиненијата, осврнувајќи се на законски ограничувања во Северна Македонија, предизвиците поврзани со структурата, јазикот и стилот на пишување на обвиненијата, како и најчестите практични дилеми со кои се соочуваат обвинителите при нивната изработка. Дополнително, беше направен преглед на конкретни обвиненија, со посебен фокус на идентификување на нејасните и недоволно прецизираните делови во нивната содржина.
Јавната обвинителка Лиле Стефанова, преку дводелна сесија, со кокретни примери ја образложи методологијата за изработка на јасни, концизни и правно одржливи обвиненија.
Веднаш по нивните излагања следеа практични, интерактивни вежби во кои учесниците работеа на преработување на нејасни обвиненија, со цел примена на презентираните стандарди и техники во практиката.
Целта на работилницата беше унапредување на стручните капацитети на јавните обвинители во делот на подготовката на обвинителните акти, зголемување на нивната јасност и аргументираност, како и придонес кон поефикасна и поквалитетна постапка. Преку практичен пристап и размена на искуства, настанот придонесе кон зацврстување на професионалните стандарди во обвинителската пракса и кон натамошно јакнење на институционалната соработка.

