Академијата за судии и јавни обвинители со поддршка за примената на алтернативните мерки и пробацискиот систем во РСМ

DSC_0226

На работниот состанок кој се одржа во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, на 21 октомври 2025 г, а беше во организација на Академијата, Судскиот совет на Република Северна Македонија и Управата за извршување на санкции, Академијата даде поддршка на примената на алтернативните мерки, а со тоа и на пробацискиот систем во РСМ.

Во својата изјава за медиумите директорката на Академијата рече дека Академијата е подготвена да им помогне на судиите преку едукација, што е и клучна улога на Академијата. „Тоа се всушност и препораките на Совет на Европа, изрекување на вонинституционални казни наместо казна затвор. Ние сме тука да им дадеме поддршка на судовите и судиите кои ги работат овие алтернативни мерки и санкции“- истакна директорката Ирина Трајкоска Стрезоски.

Според претседателот на Судскиот совет, Александар Камобвски, кој имаше поздравно обраќање на работниот состанок, важна е ресоцијализацијата, зашто целта на казнувањето, како што рече тој, не е секогаш казната само по себе, туку, и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите на кривичните дела, а условниот отпуст игра доста важна улога во таа насока. „Казната мора да биде проследна со рехабилитација со цел тоа лице да не ни доаѓа повторно во судир со законот. И условниот отпуст не значи некаква милост или добра волја на судот или Управата, тоа е законска можност која им  следува на осудените лица.“- додаде претседателот Камбовски.

За директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов алтернативните мерки не влијаат само на решавањето на натрупаноста во затворите, туку и на финансискиот аспект. Како што истакна тој: „еден осуденик ја чини 1000 евра, месечно државата“.

Првите луѓе на трите институции ја посочија важноста на меѓуинституционалната соработка и оттука сметаат дека фокусот треба да биде ставен токму на надминувањето на овој јаз, што беше причина повеќе за реализацијата на овој состанок.

На работниот состанок присуствува претседатели на судови од сите инстанци како и судии кои изрекуваат алтернативни мерки. Целта беше да се охрабрат судиите да ги употребуваат алтернативните мерки, но воедно, да се дискутира на темата и да се разменат мислења и практични искуства во поглед на овие мерки и условниот отпуст.