Обука за борба против корупција и организиран криминал за слушателите од VIII генерација во почетната обука на Академијата

IMG-b5b0d1ecae9f328631357ae3cbda19fd-V

Слушателите од VIII генерација во почетната обука на Академијата се едуцираа за европските механизми и меѓународните стандарди во справувањето со борбата против корупцијата и организираниот криминал во рамки на денешната обука која ја спроведе Академијата, во соработка и со финасиска поддршка на АИРЕ Центарот од Лондон, Регионалната инцијатива за антикорупција (РАИ) и Владата на Обединетото Кралство.

Обуката се одржа, во хотел „Хилтон“, Скопје и на истата свои излагања имаа судии и јавни обвинители кои се претставници на: Европската канцеларија на јавни обвинители, Крунскиот суд во  Лондон, Врховен суд на Србија и Основен кривичен суд Скопје.

Со поздравно обраќање на присутните им се обратија директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска и Невена Костиќ, проектена менаџерка на програмата за Западен Балкан на АИРЕ Центарот од Лондон.

Во своето обраќање директорката на Академијата истакна дека особено е важно идните судии и јавни обвинители во период додека се дел од почетната обука на Академијата да се стекнат со што е можно повеќе знаења, кои во најголем дел ќе бидат поткрепени со практични примери, со цел подготвени да се соочат со предизвиците кои ги носат професиите кои ги избрале. За Академијата, поддршката која ја добива од своите странски партнери и поддржувачи има значајно место, не само во делот на спроведувањето на континуираната едукација, туки и во пресретнувањето на потребите на идните судии и јавни обвинители, бидејќи на тој начин, тие добиваат квалитетна обука на теми кои се актуелни и што е уште поважно, директно од странски експерти. Според, проф. д-р Габер Дамјановска, и покрај тоа што Владата на Република Северна Македонија ги презема сите мерки со цел да ја спречи појавата на корупцијата, резултатите покажуваат дека има уште сегменти во кои треба да се работи, а еден од клучните е подигнувањето на свеста на судиите и јавните обвинители за појавните облици на корупцијата, за почитувањето на етичките кодекси, за градењето на независно и непристрасно постапување како дел од алатките со кои може да се даде позитивен одговор во борбата со овие сериозни, глобални, негативни појави.

Академијата за судии и јавни обвинители посветува големо внимание на темите кои се обработуваат во рамки на програмата за почетна обуката, но денешната обука беше организирана специјално за слушателите на VIII генерација кои треба по завршувањето на обуката да прераснат во европски судии и јавни обвинители со широки погледи.

На оваа обука слушателите имаа можност да се запознаат со работата на Европската канцеларија на јавните обвинители и да разменат мислења со судиите од Лондон и Србија за важноста на повратот на имот во борбата против корупцијата и организираниот криминал, низ судската перспектива.

Обуката заврши со плодна дискусија пришто беа идентификувани клучните недостатоции кои треба да се надминат преку професионално практицирање на  професиите судија и јавен обвинител.