Доделени дипломите на кандидатите за судии и обвинители на шестата генерација во почетната обука на Академијата (Demo)

Денеска во Врховниот суд, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, се одржа церемонија по повод доделувањето на дипломите на 6. генерација кандидати во почетната обука на Академијата, односно на новите 37 дипломирани кандидати.

На денешниот свечен настан дипломите на шестата генерација судии и јавни обвинители ги додели директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, која во своето воведно обраќање им упати честитки за постигнатиот успех и за влезот во судската и обвинителската фела. Габер-Дамјановска во оваа прилика, меѓудругото рече дека 37те кандидати се млади професионалци, од кои во иднина се очекува  да ги заземат своите работни позиции и да му помогнат на правосудството, со оглед на тоа што постојат бројни места кои сеуште не се пополнети, како за судии така и за јавни обвинители.

 

 

Покрај воведното излагање на директорката Габер-Дамјановска, воведни излагања на свечениот настан имаа и министерката за правда, Рената Дескоска,  Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев; претседателот на Советот за јавните обвинители, Ацо Колевски; в. д. претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани, и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески.

 

 

 

Говорниците во своите обраќања го нагласија значењето на судиската и обвинителската професија и им порачаа на новите судии и обвинители да се грижат за угледот на професиите, за почитувањето на човековите права и за правдата како врвен идеал на правото.

„Кога ќе бидете избрани на своите функции, државата ќе ви даде моќ, моќ која треба да ја користите умно и во рамките на законот. Не дозволувајте таа моќ да ве заслепи“, им порача министерката за правда.

Во името на 6. генерација дипломци на Академијата се обрати Даниел Коцев, кој е најдобриот дипломец на Академијата, односно прворангиран според успехот и бодовите. Второрангирана е Маја Јанушева, а треторангирана е кандидатката Сузана Димитриева.

Обуката на судиите и јавните обвинители претставува организирано стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на нивната функција.

Почетната обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини со цел создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како предуслов за почитување на принципот на владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи и создавање на квалитетна правда во интерес на граѓаните на Република Македонија.