Годишна конференција Медијација- за нова култура во решавањето на споровите (Demo)

Денес (9 јуни 2021 година)  преку ЗООМ платформата се одржа годишната конференција „Медијација за нова култура во решевањето на споровите“, која се организираше во рамки на Проектот „Медијација без дилема“, а кој го спроведува Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Академијата, Комората на медијатори на Северна Македонија и Холандската федерација на медијатори. Овој проект е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

На оваа конференција со поздравен говор се обрати директорот на Академијата проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која рече дека медијацијата како алтернативно решевање на споровите во Северна Македонија за жал не го добива заслуженото внимание и дека е потребна поголема промоција и ангажираност на сите релевантни институции во Северна Македонија  доколку сакаме да ја промениме перцепцијата на општеството во однос на медијацијата. Темата за медијација е опфатена во програмите за континурана и почетна обука на Академијата. Академијата постојано ги надградува концептите на овие програми сé со цел тие да одговорат на барањата и потребите на правните професионалци.  Неодамна се одржа тридневна обука во рамки на Проектот „Медијација без дилема“ посветена на ресторативната правда за децата и истата беше прифатена со голем интерес од страна на слушателите на почетната обука од седмата генерација. Во наредниот период ќе следат обуки за обучувачи каде националните професионалци ќе имаат можност да ги слушнат искуствата на експертите од Холандија, а потоа и тие да ги споделат со своите колеги. Среќни сме што можеме да учиме од најдобрите.“ – додаде проф. д-р Габер Дамјановска. За крај таа се зблагодари на сите посебно на Амбасадата на Кралството Холандија за нејзината поддршка не само на правосудниот систем, туку и на Академијата, и секако на Министерството за правда за несебичната ангажираност во реализацијата на голем број активности кои се во насока на подобрување и унапредување на ефикасноста на правосудниот систем на Северна Македонија.

На годишната конференција се обрати и министерот за правда на Северна Македонија, г. Бојан Маричиќ кој ја потврди заложбата на Министерството за правда за подигнување на свеста и промовирање на медијацијата како алтернативно решение. „Мирното решавање на споровите треба да се гледа како дополнување на судскиот систем, а не како негова замена.“ – додаде министерот Маричиќ. Тој се заблагодари на Институтот за европски политики ЕПИ за реализацијата на овој Проект, на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје за поддршката на правосудството на Северна Македонија, Комората на медијатори, секако упати и благодарност до Академијата, бидејќи според него обуката на правните професионалци во однос на придобивките од медијацијата е клучна за успешен развој на концептот на медијација.

Н.Е. амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, г. Дирк Јан Коп изрази задоволство од реализацијата на овој Проект. Како што истакна тој овој проект кој започна пред 1 година има за цел да ја доближи медијацијата до Северна Македонија. Медијацијата е успешен концепт во Холандија, а за тоа зборува и фактот дека ресторативната правда се употребува и во кривични случаи со кои се опфатени малолетни лица. Н.Е. Дирк Јан Коп искажа благодараност до сите инволиврани и уште еднаш ја потврди поддршката на Кралството Холандија во развојот и унапредувањето на правосудниот систем во Северна Македонија.

Претседателот на Комората на медијатори на Северна Македонија изрази надеж дека од оваа годишна конференција ќе произлезат силни пораки за употребата на медијацијата во Северна Македонија. Откако ги образложи предизвиците со кои се соочуваат медијаторите тој упати благодарност до министерот за правда за напорната работа се со цел да се измени Законот за медијација и истиот да овозможи зголемена употреба на медијацијата при решавање на споровите.

Претседателот на Холандската федерација на медијатори, г. Јан Ван Цвитен, упати благодарност до сите кои  се денес присутни. Според него до сега најголемиот ентузијазам за промоцијата на медијацијата ја забележал во Северна Македонија. Во изминатот период бројот на случаи решени по пат на медијација е толку мал што може да се заклучи дека медијација и нема во Северна Макеоднија. За г. Ван Цвитен потребен е квалитетен кадар, промоција, подигнување на свеста за медијацијата и подигнувањет на образованието со цел медијацијата да го добие своето заслужено место. Тој верува дека со вклученоста на сите релевантни институции, медијацијата може да заживее во Северна Македонија.

Веднаш по воведните обраќања искуствата на своите земји во однос на медијацијата ги презентираат присутните експерти од Холандија, Италија, Грција, Хрватска и Мексико. За националните искуства и клучните предизвици во однос на медијацијата говореа претставници на релевантни домашни институции и медијатори.