Академијата ја зајакнува експертизата во областа на сајбер криминалот преку обука на тема „Сајбер криминал и електронски докази со посебен акцент на фишинг и deep fake“

DSC_0514

Академијата за судии и јавни обвинители организираше и успешно спроведе обука за „Сајбер криминал и електронски докази со посебен акцент на фишинг и deep fake“, која се одржа денес (13 февруари 2026 година) во просториите на Академијата со присуство на повеќе од 40 судии, јавни обвинители и судски и јавнообвинителски службеници од сите апелациони подрачја.

Обуката ја спроведоа национални експерти од областа на Сајбер криминалот: Владимир Милошески, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје и м-р Марина Пешовска, началник на одделение за истрага на злоупотреби на интернет во Сектор за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи на РСМ.

Целта на обуката беше унапредување на знаењата и практичните вештини на учесниците во однос на националната и меѓународната правна рамка за компјутерски криминал, видовите кривични дела предвидени во домашното законодавство, како и постапувањето на истражните и правосудните органи во овие предмети.

Во рамки на програмата беа обработени прашања поврзани со поимот и правната природа на електронските докази, начинот на нивно обезбедување, прибавување, документирање и оценување, со цел обезбедување на нивната процесна валидност и доказна релевантност.

Посебен акцент беше ставен на современите облици на измами во интернет-просторот, особено на фишинг и deep fake измамите, кои во последниот период бележат пораст и претставуваат сериозен предизвик за институциите и заштитата на граѓаните.

Со реализацијата на оваа обука, Академијата продолжува со систематско зајакнување на капацитетите на правосудните органи во областа на сајбер криминалот и примената на електронските докази, со цел обезбедување ефикасно и стручно постапување во предмети од оваа област.