Академијата за судии и јавни обвинители одржа обука за менаџирање со судовите, со посебен акцент на менаџирање со човечки ресурси

DSC_0487

Академијата за судии и јавни обвинители денес (09 февруари 2026 година), во своите простории, организираше специјализрана обука на тема „Менаџирање со судовите, со посебен акцент на менаџирање со човечки ресурси“. Настанот беше наменет за раководниот кадар на судската власт, вклучувајќи ги: претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, претседателите на сите основни и апелациони судови, како и за претседателите на Виш управен суд и Управен суд на Република Северна Македонија.

Обуката ја спроведоа истакнати експерти од областа: Иван Џолев, судија во Апелационен суд Скопје и д-р Воислав Стојановски, претставник на проектот на ЕУ за поддршка на владеење на правото.

Во текот на обуката беше презентиран преглед на клучните наоди од Извештајот за спроведување на Стратегијата за човечки ресурси во правосудството (2020-2026), изготвен од Проектот на ЕУ „Поддршка за владеење на правото“.  Извештајот е фокусиран на идентификување стратешки решенија за акутниот недостиг на кадар и системската неефикасност на тековната судска мрежа.

Целта на обуката беше запознавање на претседателите на судовите со актулената состојба во судството и укажување на потребата од рационализација на судската мрежа преку консолидација на ресурсите и зајакнување на финансиската автономија на судската власт. Посебен акцент беше ставен на активното вклучување на раководниот кадар во процесите на дигиталната трансформација и оптимизација на обемот на работа, со цел унапредување на ефикасноста, транспарентноста и независноста на правосудниот систем.

Со ваквите активности, Академијата за судии и јавни обвинители продолжува активно да придонесува кон јакнење на институционалните капацитети на судството и усогласување со европските стандарди.