Академијата за судии и јавни обвинители на 06 февруари 2026 година, во своите простории организираше обука посветена на темата: „Испитување на загрозен сведок, негова заштита во претходна постапка и на главна расправа, право на одбрана при нивно испитување и испитување на посебно ранливи жртви и сведоци“, на која учествуваа судии од кривичните оддели и јавни обвинители од сите апелациони подрачја.
Обуката ја спроведоа: д-р Оља Ристова, судија во Апелационен суд Скопје и Маја Конеска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, кои преку заедничко предавање овозможија интегриран и мултидсциплинарен пристап кон постапувањето со загрозени сведоци и жртви.
Во рамки на обуката беа опфатени сите релевантни фази на кривичната постапка, со посебен акцент на истражната постапка, улогата на јавниот обвинител при предлагање и примена на процесни мерки за заштита, како и улогата на судот при нивно одобрување и спроведување. Посебено внимание беше посветено на постапувањето на судот во текот на главната расправа, особено при сослушување на жртвите и сведоците.

Обуката ги опфати процесните мерки за заштита на сведоци и жртви, вклучително деца-жртви и други ранливи категории, прашањата поврзани со спречување на секундарна виктимизација, правото на компензација на жртвите, како и меѓународните стандарди за нивна заштита во кривичната постапка. Дополнително, беше спроведена и анализа на релевантната домашна судска пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права.
Целта на обуката беше унапредување и продлабочување на знаењата и практичните вештини на судиите и јавните обвинители во однос на нивните улоги и надлежности при заштита на загрозени сведоци и жртви во текот на истражната постапка и на главната расправа, јакнење на капацитетите за примена на процесните мерки за заштита, развивање на чуствителен и професионален пристап при сослушување на жртвите, со посебен акцент на деца и други ранливи категори, како и унапредување на знаењето за спречување на секундарна виктимизација, правото на компензација и примената на меѓународните стандарди, домашната судска пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права во постапките што вклучуваат жртви и загрозени сведоци.
Со ваквиот пристап, Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш ја потврди својата посветеност кон континуирано стручно усовршување на правосудните носители и унапредување на заштитата на човековите права, преку практично ориентирани обуки усогласени со националните и меѓународните стандарди.

