Академијата за судии и јавни обвинители, денес (05 февруари 2026 година) одржа советување на тема: „Правни дилеми при примена на Законот за конфискација на имот во граѓанската постапка“, на кое учествуваа судии од граѓанските оддели, јавни обвинители, претставници на Државното правобранителство, Финансиската полиција и Министерството за правда на Република Северна Македонија.
Советувањето беше спроведено од страна на: м-р Катерина Георгиевска, судија на Врховен суд на Република Северна Македонија и Гаврил Бубески, јавен обвинител во Основно јавно обвинителство.
Во рамките на настанот излагачите се осврнаа на темите: „Правни дилеми при примена на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка со посебен осврт на условите за поведување на постапката“ и „Правни дилеми при примена на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка со посебен осврт на колизијата со другите закони, подготвувањето на тужбата, роковите и опфатот на имотот во постапката“

Советувањето беше фокусирано на подетално запознавање со постапката за конфискација на имот во граѓанска постапка, условите за нејзино поведување, како и на клучните правни дилеми кои се јавуваат при примената на Законот. Посебен акцент беше ставен на практичните аспекти поврзани со други закони, роковите, подготовката на тужбата и утврдување на опфатот на имотот што може да биде предмет на конфискација. Беше истакнато дека Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка претставува значаен механизам во борбата против корупцијата и организираниот криминал, овозможувајќи постигнување конкретни резултати и во случаи кога нема осудителна кривична пресуда. Преку оваа постапка се овозможува заштита на јавниот интерес, спречување на неосвновано збогатување и одземање на имот стекнат од незаконски извор. Во таа насока, беше појаснето дека во граѓанската постапка се утврдува дали имотот е стекнат на законите начин, односно, дали постојат докази дека истиот потекнува од противправни дејствија. И покрај тоа што со примената на овој закон се навлегува во правото на сопственост кое е загарантирано со Уставот, беше нагласено дека ваквото органичување е оправдано и пропорционално со целта, а тоа справување со неказнивоста, превенција на кривични дела поврзани со корпција и организиран криминал и зајакнување на владеењето на правото.
Изборот на темата и стручните излагања на предавачите го задржаа вниманието и интересот на присутните на денешното советување. Настанот се покажа како исклучително значаен за размена на мислења и искуства, како и за идентификување и надминување на практичните предизвици што се јавуваат при примена на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, со цел унапредување на правната сигурност и ефективноста на постапките.

