
Академијата за судии и јавни обвинител како дел од своите редовни активности во рамки на програмата и Каталогот за континуирана едукација организираше обука наменета за судски и јавнообвинителски службеници од сите судови и јавни обвинителства во РСМ на темата: „Правен совет, правна помош и комуникација со странки“.
Обуката се одржа во просториите на Академијата, а истата беше спроведена до страна на: проф. д-р Јасна Бачовска Недиќ, професор на Правент факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и г-н Зоран Јосифовски, судија во Основен суд Кавадарци.
Обуката има за цел го подигне квалитетот, ефикасноста и интегритетот во работењето на клучниот кадар во правосудството. Оваа обука е дизајнирана да овозможи не само да се следат, туку и да се имплементираат најновите стандарди и практики во администрација обезбедувајќи беспрекорно функционирање на судските и обвинителските процеси.
Обуката ќе опфати три аспекти: совет, помош и комуникација со странки. Стручното мислење, насоките и толкувањето на законите во врска со одреден предмет се во функција на пристапот на правда. Дел од обуката ќе опфати излагање на одредбите од судскиот деловник кои се однесуваат на организацијата на работата во судовите, комуникацијата со странките, другите судови, органи и лица, вклучувајќи ги односите со јавноста, при што ќе бидат посочени различни аспекти на комуникацијата што ја имаат судовите. Третата компонента на обуката е комуникацијата со странки односно комуникациските вештини (алатки на комуникација, комуникациски вештини и сервисен аспект).
Целта на овие аспекти е странката да има јасна перцепција за сопствената правна ситуација и можни решенија за конкретниот проблем. Судската Администрација управува со поднесувањето, регистрирањето и закажувањето на сите предмети. Неефикасноста или доцнењето во административните процеси директно води до долготрајни судски постапки, што е огромна пречка за пристапот до правда – правото на судење во разумен рок. Службениците се првата точка на контакт за граѓаните кои не се правници. Од нив зависи дали граѓанинот ќе добие јасни, точни и навремени информации за тоа како да пополни формулар, кои такси треба да ги плати и како да го следи својот предмет. Администрацијата е одговорна за функционалноста на судските згради, вклучувајќи ја и пристапноста за лица со попреченост. Тие ја обезбедуваат и управуваат со дигиталната достапност, функционирањето на електронските системи за поднесување, е-поднесување и објавувањето на судските одлуки. Професионалноста, љубезноста и услужливоста на административниот персонал значително влијаат на перцепцијата на граѓаните за правдата. Несоодветниот однос или недостатокот на поддршка може да ги обесхрабри граѓаните да ги користат своите законски права.