
Академијата за судии и јавни обвинители во рамки на Каталогот за обуки за континуирана едукација на 2 октомври 2025 година реализираше обука посветена на темата: „Употреба на мерката притвор во кривична и претходна постапка изразена преку членот 5 од ЕКЧП/алтернативни мерки“
Обуката се фокусираше на теоретската и практичната примена на мерката притвор во текот на кривичната и претходната постапка, со посебен акцент на членот 5 од Европската Конвенција за Човекови Права (ЕКЧП). Преку систематска правна анализа се обработуваа клучните стандарди воспоставени во судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), нивната имплементација во македонското кривично законодавство, како и предизвиците што произлегуваат во практиката при примената на мерката притвор. Посебно внимание се посвети на судската аргументација, времетраењето на притворот и контролата на неговата законитост, при што се анализираше улогата на судот во почитувањето на принципот на нужност. Исто така, се обработуваа и алтернативните мерки на притвор, при што се разгледуваа европските трендови и националните предизвици поврзани со обезбедување на присуството на обвинетиот без ограничување на неговата слобода.
Целта на обуката беше да се зајакнат знаењата и практичните вештини на учесниците во врска со законитата примена на мерката притвор, во согласност со членот 5 од ЕКЧП. Особен фокус беше ставен на примената на притворот како последна мерка, со задолжително почитување на принципот на нужност и разумен рок. Мерката притвор се наоѓа на тенка линија помеѓу нужноста и прекумерноста, поради што нејзината примена мора да биде внимателно водена од принципот ultima ratio, односно користење само кога поблагите мерки не се доволни. Преку анализа на судската пракса и алтернативните мерки, обуката имаше за цел да поттикне поконструктивен и балансиран пристап во одлучувањето, со почитување на правото на слобода и принципот на пропорционалност.
Мерката притвор како најстрога, но истовремено и како најефикасна мерка за непречено спроведување на кривичната постапка, од аспект на обезбедување на присуство на обвинетиот во постапката, елиминирање на опасноста од попречување на постапката и превенирање од повторување односно довршување на делото е најчесто елаборирана, но и најмногу критикувана од мерките за обезбедување на присуство на обвинетиот, предвидени во чл.144 од ЗКП.
Високиот степен на ограничувања кои произлегуваат од примена на мерката притвор, не само во поглед на правото на слобода, туку задирајки истовремено и во економските, социјалните и другите основни човекови права, ја наметнува потребата од рестриктивна примена на оваа мерка, која во никој случај не смее да се претвори во казна.
Според тоа, во текот на спроведување на континуираната обука потребна е стручна критична анализа на предизвиците кои се јавуваат при примена на мерката притвор заради доследна примена на чл.5 од Европската конвенција за човекови права, но истовремено и заради заштита на основните човекови права, при тоа, максимално почитувајки ја презумцијата на невиност, како уставно загарантирано право и како право инкорпорирано во чл.6 од Европската конвенција за човекови права.
Обуката ја спроведоа: Даниела Алексовска Стојановска, судија на Основен кривичен суд Скопје, Дарко Јакимовски, јавен обвинител на ВЈО Скопје и проф. д-р Фатбарда Исмаили, професор на Правниот факултет, Универзитет во Тетово.