
Примената на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка кој беше донесен во март 2024 година, а чија примена отпочна во септември 2024 година, сеуште предизвикува дилеми во судската практика. Следејќи ги потребите на правните професионалци и практичари од нашата земја, но имајќи ги предвид и сите засегнати страни кои делуваат професионално во оваа област, Академијата за судии и јавни обвинители на 13 февруари 2024 година во просториите на Академијата создаде можност за размена на мислења помеѓу судиите од Врховниот суд на РСМ, Апелациониот суд Скопје, Основниот граѓански и кривичен суд Скопје, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, вклучувајаќи ги притоа и претставниците од Државното правобранителство на РСМ и Управата за финасиска полиција на Северна Македонија.
Дискусијата ја започна директорот на Академијата, јавен обвинител Ирина Трајкоска Стрезоски која посочи дека повеќе од потребно е да се разгледаат и посочат конкретни членови од Законот кои покреваат правни прашања, посебно, имајќи ја предвид и улогата на Државното правобранителство, кое во иднина со овој Закон ќе го понесе најголемиот товар на докажување во судските постапки, бидејќи со одредбите од овој закон, државното правобранителство е овластен тужител за постапување по предмети за конфискација на имот. Директорката на Академијата, ја истакна целата на Законот која се остварува преку прибавување на силни докази кои ќе доведат до конфискација на имот.
Имено, донесувањето на овој закон во фокус ја има заштитата на јавниот интерес на РСМ на начин што се оневозможува каква било корист на имот, за кој во граѓанска постапка согласно законот, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Поточно, согласно одредбите станува збор за имот за кој во постапката не може да се докаже дека е стекнат од законски приходи и на законски начин, односно, постои разумно сомневање дека постои имот за кој надлежниот орган утврдил дека постои разлика меѓу вредноста на имотот и вкупниот остварен законит приход, преку склучени фиктивни или бестоварни правни дела со кои се располага со имот за чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и кои не претставуваат основа за стекнување имот на законит начин. Во делот на докажување клучна е улогата на јавниот обвинител кој согласно членот 7 од овој закон се вели дека доколку јавниот обвинител има сомневање за кривчно дело согласно овој закон, нема доволно докази за кривично гонење или кривичното гонење не довело до осудителна пресуда, а оцени дека постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извор со соодветен акт, е должен да достави иницијативаа до Управата за финасиската полиција, заедно со целокупната обезбедена документација со цел Управата да изврши испитување и прибирање на податоците за изворите и начините на кои е стекнат имот.
Вкрствувањето на надлежностите на повеќе институции и одредени правни термини беа причина за активна и динамична дебата на ова советување.
Професорката на правниот факултет Јустинијан Први, при УКИМ, Скопје, Александра Деаноска Трендафилова преку компаративна анализа и споделување на резултатите од спроведени истражувања истакна дека конфискацијата во граѓанската постапка треба да е последното средство кое ќе биде употребено онаму каде што другите форми не можат да се применат. Потребата од донесувањето на овој Закон била идентифкувана како последица на празнините кои биле воочени кај постоечките закони со кои се уредувале ваквите правни ситуации. – додаде професорката.
По однос на прашањата за разумни основи на основано сомневање и дали е потребно проширена конфискација во граѓанска постапка, кога праксата покажува слабости во однос на примената на проширената конфискација во кривичните постапки, професорката Деаноска ги презентираше правните алатки од праксата на Бугарија и Холандија притоа влечејќи паралела со нашиот постоечки закон. На нејзините дилеми свое видување даде јавниот обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубески, кој смета дека треба да расчистат некои практични делими кои произлегуваат од фактот дека во моментов во нашата држава има два типа на конфискација од кои едната е во кривичните постапка и другата во граѓанските постапки. Според него, судијата мора во пресудата да потенцира дека за него е јасно дека лицето го сторило тоа дејствие. На ова се надоврза судијата на Апелациониот суд Скопје, Александар Шопов кој истакна дека правната дилема кај конфискацијата во граѓанска постапка лежи токму во тоа прашање: Како ќе се изведе тоа во граѓанска постапка?.
Ова беше само едно од низата прашања кои се отворија и бараа решенија со кои би се избегнало запаѓање во некаков правен лавиринт. Судијата Наталија Донева, од Апелациониот суд Скопје, го покрена и прашањето за краткиот рок на тужениот и неможноста да се обезбедат доказите, додека директорот на Управата за финасиска полиција, Слободан Ивановски ги изложи недоследностите во Законот, гледано од страна на Управата. Според него, треба да се направат измени, бидејќи како што посочи, Управата може да конфискува 70% од имотот, и тоа, може да се толкува како озаконување на незаконитото. Управата за финасиска полиција треба да има можност да конфискува се.
Судијата Софија Миленкова, од Основен граѓански суд го постави и прашњето во однос на статусот на овој Закон, односно: Дали на овој закон ќе се гледа како на lex specials или пак други одредби од Законот за кривична постапка ќе бидат земени предвид при конфискација имот во граѓанска постапка.
На крајот од советувањето се чинеше дека времето е прекратко за изнесување на толку многу дилеми кои ги покрена Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Одредбите на овој закон и нивната примена претставуваат сериозен предизвик како за судиите и јавните обвинители, така и за претставниците на релевантните институции.
Сите учесници се согласија дека овој Закон е тема за реализација на дополнителни едукативни настани, бидејќи има многу сегменти кои треба да се разгледаат, посебно улогата на јавниот обвинител, која така како што е содржана во законот е прилично дискутабилна.