
Од 4ти до 6ти декември во Триер – СР Германија во Академијата за европско право (ERA – Academy of European Law) се одржа Зимска академија за судска соработка во прекуграничен организиран криминал во организација на Western Balkans Criminal Justice (WBCJ) во соработка со ERA, JITs Network Secretariat и Sirius Project, на која присуствуваа судиите Фросина Стојаноска и Марија Беговиќ од Основниот кривичен суд Скопје, обвинителите Дејан Петрески и Анел Фидоски од Основното јавно обвинителство Скопје и обвинителката Анита Граждани Пачуку од Основното јавно обвинителство Дебар.
Во рамките на тридневната обука учесниците заедно со своите колеги од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија имаа можност да ги продлабочат своите знаења во областа на меѓународната судска соработка во кривичната материја и нејзините инструменти како екстрадиција на обвинети и осудени лица, трансфер на постапки, признавање и извршување на пресуди и прекугранично спроведување на истражни мерки. Исто така беа опфатени и темите за заштита на човековите права во прекуграничните кривични предмети, меѓусебната правна помош помеѓу Европката Унија и земјите од Западен Балкан согласно правната рамка на Совет на Европа и другите меѓународни инструменти, допуштеноста на доказите прибрани со прекугранична соработка, заедничките истражни тимови, судската соработка за поврат на имот, електронски докази и најдобрите пракси и примери на меѓународна соработка. Дополнително во рамките на практичниот дел од обуката учесниците симулираа координативен состанок на пленарна седница на заеднички истражни тимови. Едновремно учесниците се запознаа и со мандатот, работата и основните цели и задачи на Европравда (EUROJUST) и Европската судска мрежа (European Judicial Network), како и на Проектот „Кривична правда во Западен Балкан“ (Western Balkans Criminal Justice Project) во рамките на Европравда (EUROJUST).