Министерот за правда Игор Филков во посета на Академијата за судии и јавни обвинители

DSC_0680

Министерот за правда на Република Северна Македонија,Игор Филков денес (22 ноември 2024 година) оствари посета на Академијата за судии и јавни обвинители.

На иницијатива на директорката на Академијата, јавен обвинител Ирина Трајкоска Стрезоски и заменик директорот на Академијата, судија, м-р Илир Исени искажана на неодамнешниот состанок кој се одржа во Министерството на правдата помеѓу министерот Филков и првите луѓе на Академијата. Министерот за правда одлучи лично да ги види просторните капацитети со кои располага Академијата за судии и јавни обвинители.

Имено, Академијата од своето основање до денес ги користи истите простории кои не ги задоволуваат потребите на Академијата, посебно ако се заеме предвид дека од година во година бројот на слушатели во почетната обука се зголемува. Следната генерација, поточно, деветата генерација на слушатели ќе ја сочинуваат 130.Академијата има две сали за спроведување на наставата, кои истовремено се користат и за едукативните настани кои се организираат во Академијата, во рамки на континуираната обука. Една од двете сали има капацитет за најмногу 35 луѓе, додека втората максимум 25.

Континуираната обука е важен сегменет од работењето на Академијата, исто како и спроведувањето на почетната обука. За успешна реализација на програмата за континуирана обука потребно е соодветен простор кој ќе ги обезбеди минималните услови за одржување на обуките и едукативните настани кои многу често се во организација со странски партнери, поддржувачи на Академијата.

Не помалку важни се и условите во кои работат вработените на Академијата кои не соодветствуваат со обемот на работата која тие дневно ја извршуваат.

Министерот за правда Филков, во придружба на директорката на Академијата, јавен обвинител Трајкоска Стрезоски и заменик директорот на Академијата, судија, м-р Исени, ја посетија старата зграда на Основниот кривичен суд Скопје каде беа пречекани од страна на претседателот на судот, судија Иван Џолев.

Целта на ова посета беше да се разгледаат можностите за адаптација на оваа зграда како нов објект на Академијата за судии и јавни обвинители.