
Првите луѓе на Академијата, директорката Ирина Трајкоска Стрезоска и заменик директорот на Академијата, судија, м-р Илир Исени во просториите на Академијата, на 30 октомври 2024 година одржаа состанок со националниот програмски офицер на УНДОЦ Стојне Атанасовска Димишковска.
Имајќи ја предвид актуелноста на темата трговија со луѓе како во Европ,а така и на Американскиот континент, а како дел од успешно воспоставената соработка помеѓу Академијата и УНДОЦ, на состанокот се разгледува можностите за реализација на идни, заеднички активности кои ќе бидат посветени на клучните сегменти од областа на трговијата со луѓе, се со цел, спроведување на ефикасна борба против овој вид на криминал.
По реализацијата на обуката во месец октомври чиј концепт беше замислен, преку симулација на судење, да се разработат процесните дејствија кои се преземаат од надлежните за гонење и процесуирање на овој вид кривични дела, присутните на состанок се согласија и во иднина да продолжат со спроведување на овој вид обуки и во 2025 година.
Директорката на Академијата ја истакна важноста од вклучувањето на Академијата во реализацијата на проектни активности, посебно во оние, кои доаѓаат како понуда од најголемите поддржувачи на работата на Академијата, меѓу кои е и УНДОЦ. Според неа, можноста да се обезбедат поквалитетни обуки, на актуелни теми, со употреба на нови едукативни методи и техники, кои пред се ќе бидат фокусирани на праксата е посебно важно во усвојувањето на нови и надградувањето на постојните вештини на судиите и јавните обвинители во РСМ, што пак е основа на која се темели развојот и реализацијата на програмата за континуираната едукација на Академијата.