Академијата за судии и јавни обвинители и Националната академија за правосудство од Франција потпишаа протокол за соработка во областа на обуката во правосудството

DSC_0778 n

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски и директорката на Секторот за меѓународна соработка во Националната академија за правосудство од Република Франција, Емануел Лудик Барон  денес (20 ноември 2026 година), во просториите на Академијата потпишаа протокол за соработка во областа на обуката во правосудството.

Потпишувањето на протоколот за соработка се одвива со поддршка на Амбасадата на Република Франција која е дологодишен партнер и поддржувач на работата на Академијата.

На официјалното потпишување на протоколот присуствуваше и амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. Во своето поздравно обраќање до присутните тој ја истакна важноста на двете Академии во јакнење на правосудните системи и владеењето на правото. Тој исто така, даде поддршка на работата на Академијата и изрази надеж дека потпишувањето на протоколот ќе придонесе за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и унапредување на размената на знаењата и искуствата меѓу двете земји во областа на правосудната обука.

Имено, протоколот ја изразува желбата на двете институции да ја продолжат соработката и да воспостават одржлив дијалог во согласност со меѓународните стандарди за почетна и континуирана обука во правосудството, со цел создавање правосудна заедница обединета околу вредностите на владеењето на правото.

Заедничкиот интерес ќе биде изразен преку размена на искуства и добри практики меѓу француските и македонските правни професионалци, со цел подобрување на квалитетот на обуката во правосудството и нејзино прилагодување кон современите предизвици.