Академијата одржа обука на тема: „Работни односи со посебен осврт на постапки за вработени во МВР, АРМ и здравствените установи“

DSC_0588

Во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители на 17 ноември 2026 година се одржа обука на тема: „Работни односи со посебен осврт на постапки за вработени во МВР, АРМ и здравствените установи“.

Обуката беше наменета за судии од граѓанските оддел од судовите од сите апелациски подрачја, претставници од Министерството за внатрешни работи и претставници на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.

Обуката ја спроведоа: м-р Илче Мушаревски, претседател на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен и Љупчо Спироски, Судија на Апелациониот суд Штип.

Целта на обуката беше унапредување на знаењата и практичните вештини на учесниците во примената на правната рамка за остварување на правата од работен однос, со посебен акцент на жалбените постапки пред Државната комисија, како и на судската заштита на правата на вработените во Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија и здравствените установи.

Во рамки на обуката беа рагледани правните механизми за оспорување на одлуките и актите со кои се одлучува за правата, обврските и одговорностите од работен однос, надлежностите на органите што постапуваат по правните лекови, процесните рокови и условите за поднесување жалба. Посебен осврт беше направен на односот помеѓу второстепеното одлучување по жалба и судската заштита, како и на специфичностите на правниот режим што се применува во трите области.

Воедно, внимание беше посветено на прашањата поврзани со дисциплинската одговорност, распоредувањето, унапредувањето и престанокот на работниот однос, како и на судската контрола на законитоста на донесените одлуки.

Преку обработка на овие прашања, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за правилно процесно постапување, целосно и правилно утврдување на фактичката состојба, доследната примена на материјалното право и обезбедување ефективна правна заштита во постапките од работен однос.

Академијата и во иднина ќе продолжи да организира едукативни активности посветени на актуелни прашања од областа на работните односи, со цел унапредување на професионалните знаења и вештини, размена на искуства и усогласување на праксата во примената на законските прописи, придонесувајќи кон поефикасна и поквалитетна правна заштита на правата од работен однос.