Академијата за судии и јавни обвинители одбележа 20 години постоење

DSC_0653

Во присуство на високи претставници од правосудството, Владата на Репбулика Северна Македонија, дипломатскиот кор во земјата, судии и јавни обвинители, домашни и странски партнери, поддржувачи на работата на Академијата за судии и јавни обвинители, денес (17 ноември 2026 година) во Музејот на македонската борба за самостојност, Академијата одбележа 20 години од нејзиното основање.

                                                       

Со свечено обраќање до присутните директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, упати благодарност до сите присутни, посебно, до странските амбасади и проекти, кои во изминатите 20 година дадоа значајна поддршка на Академијата и со тоа учествуваа во унапредувањето и развојот на правосудниот систем во Република Северна Македонија. „Денешниот ден носи една огромна симболика. Овој јубилеј го прославуваме на денот кога е донесен првиот Устав на независна Македонија. Како што Уставот го постави темелот на нашата државност, така и оваа Академија веќе 20 години го чува темелот на правосудството. Уставот е штитот на државата, а судиите и обвинителите се неговите чувари“. Од говорницата, директорката Трајкоска Стрезоски упати и силна порака до своите колеги, судии и јавни обвинители, која како што рече прерасна во порака која генерациски се пренесува: „Кога ќе ја облечете тогата, запомнете дека вашата моќ не произлегува од функцијата, туку од вашата професионалност, праведност и свест.“

Со свечен говор на присутните им се обрати и претседателот на Собранието, Африм Гаши кој говорејќи за Академијата истакна:„ Основањето на Академијата е поврзано со обликувањето на самата држава, бидејќи квалитетен правосуден систем не може да се изгради само преку правни норми, туку бара луѓе подготвени да ги разберат, толкуваат и применуваат со знаење, интегритет и професионална независност. Затоа, оценката за оваа Академија е, пред сè, оценка за вложувањето во квалитетот на карактерот на државата. „Нејзината улога не се исцрпува во стручното оспособување на идните судии и јавни обвинители, туку таа треба да биде и темел на градењето правна култура во која знаењето е придружено со етика и интегритет, компетентноста со одговорност, а авторитетот со воздржаност. На крајот на краиштата, владеењето на правото не се определува само според она што е напишано во Уставот и законите, туку и според она што го доживува граѓанинот кога бара правда.“– додаде претседателот на Собранието.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој беше дел од втората генерација на Академијата, во своето обраќање ја истакна важноста на Академијата во продуцирање на професионални кадри кои покажаа дека се спремни да се носат со предизвиците кои ги наметнува професијата судија.

На присутните им се обрати и заменик претседателката на Советот на јавните обвинители, Маријана Илиеска која во име на Советот на јавните обвинители ја потенцираше улогата на Академијата во правосудниот систем која не се сведува само на пренесување на правни знаења и стекнување на професионални вештини, туку опфаќа и градење вредности, етички стандарди, професионална одговорност и свест за значењето на правдата и владеење на правото. „За Советот на јавните обвинители Академијата е стратешки партнер и клучна институција преку која се подготвуваат идните јавни обвинители“.- додаде г-ѓа Илиеска.

Со свечен говор на присутните им се обрати и заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау кој ја потенцираше важноста на Академијата, како институција за спроведување на професионална обука во нашата земја, но воедно, ја потврди и поддршката на ЕУ за понатамошен развој и унапредување на правосудниот систем, се со цел, исполнување на барањата кои произлегуваат од реформскиот процес во однос на правосудството и исполнување на еден од клучните критериуми за интеграција на нашата дражва во ЕУ.

На своите дологодишни партнери и поддржувачи, Академијата им додели плакети и благодарници, а свечениот настан го заокружи кратко видео кое беше рефлексија на мал дел од сето  тоа што претставуваше Академијата во изминатите години, но и кон што се стреми во иднина.