На 2 ноември 2026 година, во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), се одржа обука на тема „Судска пракса во врска со примената на Директивите на ЕУ за заштита на потрошувачите“, наменета за судии од граѓанските оддели.
Обуката ја спроведоа проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, професор по граѓанско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, и проф. д-р Златан Мешкиќ, професор на Универзитетот „Принц Султан“ во Ријад, Саудиска Арабија, кои преку стручни излагања и анализа на релевантните правни прашања придонесоа за продлабочување на знаењата и размена на искуства во областа на заштитата на потрошувачите.
Во рамки на обуката беа опфатени две тематски целини. Проф. д-р Златан Мешкиќ говореше на тема „Законот за заштита на потрошувачите во Северна Македонија во светло на правото на ЕУ – правото на повлекување, дигиталните пазари и ефективното спроведување“, со посебен осврт на усогласувањето на националната регулатива со европските стандарди и предизвиците што ги наметнуваат современите дигитални пазари.
Проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска ја обработи темата „Избрани отворени прашања во транспозицијата на директивите на ЕУ за заштита на потрошувачите и во спроведувањето и примената на Законот за заштита на потрошувачите во Северна Македонија“, при што беа разгледани актуелни прашања и предизвици поврзани со преземањето и практичната примена на европските правни стандарди во националниот правен поредок.
Целта на обуката беше да се унапредат стручните знаења и практичните компетенции на судиите во областа на заштитата на потрошувачите, преку запознавање со релевантните директиви на Европската Унија, нивното транспонирање во националното законодавство и нивната примена во судската пракса. Посебен акцент беше ставен на идентификувањето и анализата на отворените правни прашања, како и на предизвиците во обезбедувањето ефективна судска заштита на правата на потрошувачите.
Со реализацијата на оваа обука, Академијата продолжува да ја зајакнува соработката со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), со заедничка заложба за континуирано унапредување на знаењата и професионалните капацитети на судиите. Академијата и ИРЗ и во иднина ќе продолжат да развиваат и спроведуваат едукативни активности насочени кон актуелни правни прашања, практични дилеми и законодавни новини, со посебен фокус на следењето на европската легислатива и нејзиното усогласување и примена во националниот правен систем, давајќи на тој начин заеднички придонес кон јакнењето на владеењето на правото и развојот на правосудниот систем во Република Северна Македонија.

