Академијата за судии и јавни обвинители одржа тркалезна маса за примената на пробацијата во практиката

DSC_0471

Академијата за судии и јавни обвинители на 27 октомври 2026 година, во своите простории, одржа тркалезна маса на тема „Примена на пробацијата во практиката со посебен акцент на извршување на алтернативните мерки и условниот отпуст“. Тркалезната маса беше наменета за судии, јавни обвинители, адвокати и претставници на пробациските канцеларии од Скопското апелационо подрачје.

Тркалезната маса имаше за цел да ја унапреди примената на пробацијата во судската практика, со посебен осврт на условната осуда со заштитен надзор и куќниот затвор со електронски надзор. Во рамки на обуката беа разгледани практичните и законските предизвици во примената на овие мерки, улогата на пробацискиот извештај и проценката на ризикот при индивидуализацијата на кривичната санкција, како и досегашните искуства од судската практика.

Посебно внимание беше посветено на значењето на заштитниот надзор кај сторителите на семејно насилство, особено во однос на определувањето соодветни обврски насочени кон корекција на однесувањето, спроведување психосоцијален третман, намалување на ризикот од повторување на насилството и поттикнување на ресоцијализацијата и реинтеграцијата на сторителите. Притоа, беше нагласена важноста од ефективна примена на пробациските мерки како индивидуализиран одговор на криминалното однесување, со истовремено почитување на потребата од заштита и безбедност на жртвата.

На тркалезната маса свои излагања имаа: д-р Оља Ристова, судија на Апелациониот суд Скопје, Славица Наумова Јосифовска, судија на Основниот кривичен суд Скопје, Дијана Ѓеровска, раководителка на Одделението за надзор над извршувањето на пробациските работи, и Фросина Ивановска, програмска раководителка на Здружението „ХЕРА“ – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Се очекува стекнатите знаења и разменетите искуства да придонесат кон поусогласена и поефективна примена на пробациските мерки во практиката, зајакнување на соработката меѓу правосудните институции и пробациските служби, како и унапредување на индивидуализираниот пристап при извршувањето на алтернативните мерки и условниот отпуст.