Согласно Каталогот за континуирана обука за 2026 година, денес (16 октомври 2026 година) Академијата за судии и јавни обвинители одржа стручна обука на тема: „Застареност на кривично гонење и законити/незаконити докази во постапкa“, посветена на актулени правни прашања и практични дилеми со кои се соочуваат судиите и јавните обвинители во постапувањето по кривичните предмети.
Обуката се одржа во просториите на Академијата, а беше наменета за јавни обвинители, судии и стручни соработници од кривичните оддели од сите апелациони подрачја. Обуката ја реализираа националните експерти: д-р Габриела Гајдова, судија во Апелациониот суд Скопје, и г-а Лиле Стефанова од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Во рамки на обуката беа разгледани правните и практичните дилеми поврзани со настапувањето на застареноста на кривичното гонење, нејзиното влијание врз текот на кривичната постапка и донесувањето на судските одлуки, како и прашањата за законитоста и допуштеноста на доказите. Посебно внимание беше посветено на одредбите од Законот за кривичната постапка и стандардите на Европскиот суд за човекови права во однос на користењето незаконито прибавени докази и оценката на правичноста на постапката во целина. Преку стручни дискусии, учесниците имаа можност да ги разгледаат дилемите поврзани со утврдувањето на застареноста, правните последици од нејзиното настапување и постапувањето со докази прибавени на незаконит начин.
Целта на обуката беше унапредување на знаењата и практичните способности на учеснициите за правилна примена на националното законодавство и релативните стандарди на Европската конвенција за човекови права во кривичната постапка. Особен акцент беше ставен на разграничувањето меѓу законската обврска за издвојување незаконито прибавени докази согласно Законот за кривичната постапка и оценката на правичноста на постапката според член 6 од Европската конвенција за човекови права, со цел да се придонесе кон доследна примена на правото, правна сигурност и правично судење.

