Во просториите на Академијата, денес (16 октомври 2026 година) се одржа обука на тема: „ Постапување по предлози за определување на привремени мерки за заштита на жртви од семејно насилство“.
Обуката беше наменета за судии од граѓански оддели и претставници од Центрите за социјална работа, а истата ја спроведоа: г-а Душанка Петрова, советник за супервизија на ЈУ Завод за социјални дејности и г-а Јасмина Шишковска Стојковиќ, судија/претседател на Основен суд Прилеп.

На обуката беа обработени улогите и надлежностите на центрите за социјална работа и основните судови во постапувањето за заштита на жртвите на насилство. Преку презентации и отворени дискусии, учесниците се запознаа со процесот на процена на ризикот по животот и здравјето на жртвата, идентификувањето и документирањето на релевантните ризик-фактори, подготовката на предлози за привремени мерки за заштита (ПМЗ), доставувањето информации до судот, како и следењето на спроведувањето и ефективноста на изречените мерки. Посебно внимание беше посветено на постапувањето во случаи на промена на ризикот, неефективност или прекршување на мерките за заштита, како и на улогата на судовите во одлучувањето по предложените мерки.
Целта на обуката беше унапредување на практичните компетенции на учесниците за ефикасно управување со ризикот од насилство, обезбедување соодветна и навремена заштита на жртвите и спречување на повторување на насилството. Преку стекнатите знаења и вештини, учесниците се оспособуваат за процена на сериозноста и веројатноста од повторување на насилството, подготовка на јасни и аргументирани предлози за соодветни привремени мерки за заштита, навремено препознавање и соодветно постапување при промена на ризикот и прекршување на мерките, како и за итно и соодветно судско постапување, со цел да се спречи дополнителна виктимизација и да се зајакне заштитата на жртвите.

