Во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, денес (09 септември 2026 година) се одржа обука посветена на темата: „Одмерување на парнични трошоци низ практични примери и ставови на повисоките судови“, која беше организирана од страна на Академијата, а наменета за судии од граѓански оддели и стручни судски службеници.
Обуката ја спроведоа: Катерина Георгиевска, судија,Врховен суд на Република Северна Македонија и м-р Букурије Ајдини, судија, Апелационен суд Скопје.
Обуката опфати анализа на нормативната рамка за трошоците во парничната постапка, нивното одмерување согласно Законот за парничната постапка, како и прашањата поврзани со вредноста на барањето и вредноста на спорот, нужните парнични трошоци и определеноста на барањето. Посебно внимание беше посветено на основицата за пресметување на трошоците согласно Адвокатската тарифа на Република Северна Македонија, нејзината примена при одмерувањето на трошоците, како и на релевантните одредби од Законот за судските такси. Преку анализа на судската практика беа разгледани улогата на второстепените судови во одмерувањето на парничните трошоци, заклучоците, правните мислења и ставовите на апелационите судови во Република Северна Македонија, а беше направен и осврт на компаративните решенија содржани во законодавствата на Република Србија и Република Црна Гора.

Целта на обуката беше преку размена на искуства и интерактивна дискусија да се отворат и разгледаат актуелните правни дилеми поврзани со одмерувањето на парничните трошоци, да се споделат различни практични согледувања и да се придонесе кон унапредување и воедначување на судската практика во оваа област.

