Обука „Односи со јавност: Подготовка за јавен настап (давање изјава пред камери)“ за јавните обвинители од осмата генерација на Академијата

DSC_0341

Академијата за судии и јавни обвинители, денес (6 октомври 2026 година), во просториите на Академијата реализираше обука на тема „Односи со јавност: Подготовка за јавен настап (давање изјава пред камери)“ наменета за јавните обвинители од осмата генерација на Академијата. Обуката се реализира во две групи, со цел учесниците преку интерактивен и практичен пристап да ги унапредат своите комуникациски вештини, при што втората група ќе ја следи обуката на 21 октомври 2026 година, која ќе биде спроведена од истите предавачи.

Денешната обука ја спроведоа: Билјана Арсовска, раководител на Одделение за односи со јавноста во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Васко Попетрески, новинар и главен уредник на „360 Степени“ во МРТВ.

Главната цел на оваа обука беше учесниците да се стекнат со практични знаења и вештини за професионален јавен настап и ефикасна комуникација со медиумите, особено во ситуации во кои од нив се очекува јасно, прецизно и одговорно да ги презентираат информациите кои се од значење за јавноста.

Во текот на обуката, учесниците се стекнаа со вештини за справување со стресот и тремата при јавен настап, примена на техники на невербална комуникација и градење соодветен визуелен јавен имиџ, како и за јасно и концизно формулирање на пораки наменети за јавноста. Преку конкретни вежби, тие се запознаа со начинот на препознавање на информацијата која има новинарска вредност, како и со техниката на премостување при одговарање на незгодни и неочекувани прашања. Посебен дел од обуката беше посветен на симулација на изјава пред камера, преку која учесниците имаа можност стекнатите знаења и техники да ги применат во реалистична медиумска ситуација.

Ваквите комуникациски вештини се особено значајни за секојдневната работа на јавните обвинители, бидејќи професионалната, јасна и одговорна комуникација со јавноста и медумите придонесува за транспарентно информирање за работата на јавното обвинителство.

Со реализација на оваа обука, Академијата ја потврдува својата посветеност кон создавање на професионални и компетентни судии и јавни обвинители, подготвени за одговорно и професионално комуницирање со јавноста и медиумите. Континуираното унапредување на овие вештини претставува значаен придонес кон градењето на професионални и конструктивни релации меѓу правосудството и медиумите, засновано врз транспарентност, меѓусебно разбирање и почитување на професионалните улоги.