Во рамки на проектот: „Зајакнување на регионалната судска соработка во Западен Балкан за ефективни судски спорови пред Европскиот суд на правда и имплементација на Повелбата за фундаментални права на Европската Унија“, денес (30 септември 2026 година), во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители започна дводневната обука на обучувачи за примена на Повелбата за основните права на Европската унија.
Првиот ден од обуката беше посветен на разбирањето на Повелбата, нејзиниот опсег на примена, односот со националното право и Европската конвенција за човекови права, како и на релевантната судска пракса, додека вториот дел од обуката ќе продолжи утре, 1 октомври 2026 година, со практична анализа на случаи, работа во групи, презентација на студии на случај и планирање на спроведуваето на каскадните обуки.
Обуката ја организираа Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), а истата ја спроведе д-р Шејла Имамовиќ, доцент по европско право за човекови права на Правниот факултет при Универзитетот во Мастрихт.

Целта на обуката беше да се зајакнат знаењата и практичните вештини на обучувачите за примената на Повелбата за основните права на ЕУ, преку запознавање со нејзиниот опсег на примена, природата на правата и принципите содржани во неа, како и нејзиниот однос со националното право и Европската конвенција за човекови права. Посебно внимание беше посветено на релевантната судска пракса, како на практичната примена на Повелбата преку анализа на конкретни случаи.
Во текот на обуката, учесниците имаа можност преку студии на случај, дискусии и размена на искуства да ги продлабочат своите знаења и да ги развијат практичните пристапи потребни за пренесување на стекнатите знаења во рамки на идните каскадни обуки.
Во таа насока, вториот ден од обуката е посветен на практична анализа на случаи, презентација на студии на случај, утврдување на клучни заклучоци и планирање на понатамошното спроведување на обуките и одговорноста на обучувачите.
Преку ваквиот пристап, обуката придонесува кон создавање на обучувачи кои ќе можат стекнатите знаења и искуства да ги пренесат на поширок круг на претставници од правосудниот систем, со што се создава основа за континуирано унапредување на разбирањето и примената на правото на Европската Унија и стандардите за заштита на основните права.
Академијата за судии и јавни обвинители и во иднина ќе продолжи да поддржува и реализира активности насочени кон унапредување на знаењата и практичните вештини во областа на правото на Европската Унија, имајќи ја предвид стратешката определба на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија. Во тој контекст, посебно значење ќе имаат активностите за јакнење на капацитетите на правосудните професионалци и унапредување на примената на европските правни стандарди во националниот правен систем.

