Одржана обука за граѓанско-правна одговорност на адвокатите, нотарите и извршителите во фокусот на правната сигурност и воедначена примена на правото

DSC_0304

Академијата за судии и јавни обвинители и Германската фондација за меѓународна соработка (ИРЗ), денес (30 септември 2026 година) во просториите на Академијата организираа обука на тема: Граѓанската одговорност на адвокати, нотари и извршители.

Обуката беше наменета за судии од граѓански оддели, адвокати, нотари и извршители, а ја спроведоа: м-р Катерина Георгиевска, судија,Врховен суд на Република Северна Македонија и г. Холгер Хембах, адвокат, Бергиш Гладбах/Германија, германски тренер во име на IRZ.

Во рамки на обуката беа обработени прашања поврзани со нормативното уредување и граѓанско-правната одговорност на адвокатите, нотарите и извршителите при вршењето на професионалната дејност во случаи на настанување на штета поради незаконско постапување или непочитување на правилата на професијата. Посебен фокус беше ставен на правната сигурност на граѓаните при користењето на услугите на овие професии, законската рамка утврдена со Законот за адвокатура, Кодексот на професионалната етика на адвокатите, соработниците и приправниците на адвокатите, Законот за извршување, Законот за нотаријатот и Законот за облигационите односи. Воедно, беа разгледани релевантните прашања од судската пракса на судовите во Република Северна Македонија, како и компаративните искуства од германската правна пракса, со посебен осврт на постапките за остварување на правото на надомест на штета.

Преку интерактивна дискусија и размена на искуства, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за граѓанско-правната одговорност на адвокатите, нотарите и извршителите, да разгледаат конкретни правни дилеми и практични аспекти од нивното постапување, како и да се запознаат со релевантни решенија и компаративни искуства.

Се очекува стекнатите знаења и вештини да придонесат за унапредување на праксата, поголема правна сигурност и поефикасна и воедначена примена на правото од оваа област.