Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), на 21 септември 2026 година, во просториите на Академијата, организираше напредна обука на тема „Спроведување на еколошка правда“. Обуката беше наменета за судии и јавни обвинители кои постапуваат во областа на заштитата на животната средина и еколошкиот криминалитет, судии на управен суд, истражители, како и претставници на други релевантни институции.
Целта на обуката беше да се унапредат знаењата и практичните капацитети на учесниците за постапување во предмети поврзани со еколошкиот криминалитет и заштитата на животната средина, преку запознавање со релевантната европска судска практика и современите пристапи во оваа област. Посебен акцент беше ставен на практичната примена на стандардите и принципите развиени низ практиката на Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европската Унија, како и на разбирањето на положбата и потребите на жртвите на еколошкиот криминалитет.
На почетокот на обуката, поздравно обраќање имаше Никола Јовановски од ЦПИА. За „Еколошкиот криминалитет низ практиката на ЕСЧП“ излагање имаше судијата Мирјана Лазарова Трајковска, која ги претстави релевантните стандарди и пристапи произлезени од практиката на Европскиот суд за човекови права.

Во продолжение, проф. д-р Тања Каракамишева Јовановска говореше на тема „Заштита на животната средина низ призма на праксата на Европскиот суд на правдата“, со осврт на европските правни стандарди и судската практика поврзана со заштитата на животната средина. Адвокатот Жарко Хаџи Зафиров ја обработи темата „Зелена виктимологија“, посветувајќи внимание на специфичностите поврзани со жртвите на еколошкиот криминалитет и потребата од соодветен пристап во нивната заштита.
Обуката заврши со заклучни согледувања, како и со отворена дискусија во рамки на која учесниците имаа можност да постават прашања и да ги споделат своите дилеми и искуства од практиката. Преку размена на знаења и искуства меѓу претставниците на правосудството, адвокатурата и релевантните институции, обуката придонесе кон продлабочување на стручните знаења и јакнење на капацитетите за поефикасно постапување во областа на еколошката правда.

